ПЛАН ЗА ЕВАКУАЦИЈА
Сега сите го обвинуваме „системот“ што очигледно е толку штетен што ни ги избрка децата, а тие што останаа ги отепа. Ама, системот не е паднат од Марс. Тој систем не може да се смени со апатија и самосожалување.
Ако на прашањето дали сакаме да живееме или да преживуваме избереме преживување, тогаш и заслужуваме да си продолжиме да се самосожалуваме, до следната несреќа. Сите знаевме, ама сега на најстрашен начин се уверивме дека во тој систем имаме луѓе кои едноставно ни со умот не се дораснати за одговорностите што сме им ги довериле како граѓани и даночни обврзници. Сите процедури се така поставени, божем ние граѓаните сме криминалците кога пријавуваме загадување, бука, непријатни мириси, блокирани улици, тротоари, влезови на згради. Ние треба да докажуваме дека сме во право, да предупредуваме дека сме небезбедни, загрозени, малтретирани од моќници… Закони има, купишта подзаконски акти, правилници, точки и запирки за што поефикасно насилие врз граѓаните, а не за служба во корист на граѓаните и општо добро.
Ако, пак, сакаме да живееме, тогаш ќе мора да научиме тоа да ни биде главното барање од сите политичари што ги гласаме, да се бориме за остварување на тоа барање и никако да не отстапуваме, без оглед што ќе речат и власта и опозицијата. Оти, очигледно, досега од нив не сме барале ништо. Освен вработувања на државна плата.
Оваа трагедија или ќе нѐ дотепа, или ќе излеземе посилни и попаметни. Затоа е клучен одговорот на тоа прашање: Што сакаме од себеси ние како граѓани? Да живееме? Или да преживуваме?
Моите блиски и пријатели честопати се шегувале со мене затоа што секогаш кога ќе сме се нашле во затворен простор со многу луѓе, прво на што сум им обрнувал внимание било да гледам како може најбрзо да се излезе. Може ми е останато од времето кога учевме одбрана и заштита и во училиштата одвреме-навреме ни правеа вежби за спасување, ама не е лошо, кога веќе не можеме на газдите да им ги проверуваме лиценците, барем во главата секогаш да си правиме план за евакуација од затворениот простор кајшто сме се нашле.
Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк