По продолжениот викенд на „тајна“ локација, Љупчо Николовски денеска се врати на работа

Вицепремиерот Љупчо Николовски денеска им се вратил на работните обврски, по неколкудневно отсуство кое поттикна шпекулации дека тој заминал на продолжен викенд во Дубаи.

Информациите за наводното патување на Николовски се надоврзаа на веста дека и поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски е на одмор во Мексико, во период кога се развива аферата за набавката на софтверот за „ловење“ сообраќајни прекршоци.

Сепак, од Владата, иако потврдуваат дека вицепремиерот во претходните три работни дена бил на одмор, не ја откриваат дестинацијата на која отпатувал, како што и не ги демантираат информациите дека бил во Дубаи.

„Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, согласно Законот за работни односи, од приватни причини, користеше одмор од 2020 година, во времетраење од три дена, заклучно со денешниот ден. Николовски од денеска им се враќа на своите работни обврски“, информираат од кабинетот на Николовски.

И Николовски изјави за „360 степени“ дека користел три дена одмор за, како што вели, приватни потреби.

„Од денеска продолжувам со ангажманите и во Владата и во СДСМ“, вели Николовски.

Back to top button
Close