Почина академик Бојан Шоптрајанов

Македонската академија на науките и уметностите извести дека на 10 август 2024 година, во 87. година од животот, почина академик Бојан Шоптрајанов, редовен член на МАНУ.

Бојан Шоптрајанов е роден на 26 јануари 1937 година, во Чачак, Србија. Основно и средно образование завршил во Скопје, Велес и во Белград. Во 1955 година се запишал на Групата за хемија, на тогашниот Природно-математички оддел на Филозофскиот факултет во Скопје. Студиите по хемија ги завршил во 1960 година, на Природно-математичкиот факултет во Скопје како најдобар дипломиран студент од својата генерација на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. По дипломирањето е избран за асистент на тогашниот Технолошки оддел на Техничкиот факултет во Скопје, а во 1962 г. е избран за асистент на Природноматематичкиот факултет. Во 1964 година се запишал на постдипломски студии на Универзитетот „Индијана“ во Блумингтон, Индијана, во САД, а во 1965 година магистрирал со одбрана на магистерската теза од областа на спектроскопијата.

По враќањето од САД продолжува да работи на полето на инфрацрвената спектроскопија, и во 1973 година ја одбранил докторската дисертација на тема „Спектроскопско испитување на кристалохидрати со посебен осврт на спектарот на водата. Системи со мошне ниски НОН-фреквенции“. Во 1969 година е избран за доцент, во 1975 година за вонреден професор, а во 1981 година за редовен професор на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Скопје. Бил продекан за настава и наука на Хемискиот факултет и проректор за настава и наука на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје

Back to top button
Close