„Политико“: Кој ќе оди, а кој не е поканет на инаугурацијата на Трамп?

Инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател ќе се одржи на 20 јануари, а според досегашните информации, на неа ќе учествуваат бројни десничарски популисти.

Како што пишува „Политико“, инаугурациите најчесто се организираат во форма на традиционални церемонии, на кои обично не се поканети шефовите на владите или на државите. Сепак, според медиумот, Трамп овој пат отстапил од традицијата, па телефонски, но и лично поканил многу странски лидери.

Церемонијата на претседателската инаугурација ќе се одржи во зградата на Капитол на САД во Вашингтон.

Тогаш новоизбраниот претседател ќе положи заклетва и ќе ја преземе функцијата.

Во продажба се билети за настаните што ќе се одржат по овој повод. Веќе се распродадени билетите за балот по повод инаугурацијата, на кој се очекува да се појави Трамп.

Се очекува на инаугурацијата на Трамп да присуствуваат британскиот анти-ЕУ популист Најџел Фараж, како и Французинот Ерик Земур, Белгиецот Том Ван Грикен и поранешниот полски премиер Матеуш Моравјецки. Покрај нив, ќе присуствуваат и неколку министри, дипломати и странски политичари кои сакаат да му се доближат на новоизбраниот американски претседател.

Едвард Франц, претседател на Катедрата за историја и политички науки на Универзитетот во Индијанаполис, во изјава за „Политико“ вели дека „ништо во врска со овој настан не е сосема нормално“, особено зашто оваа церемонија обично се смета за „домашна работа“.

Сепак, според медиумот, сите поканети гости на инаугурацијата на Трамп имаат заедничка идеолошка нишка, односно многумина од нив потекнуваат од десницата, па дури и од екстремната десница на политичкиот спектар, или станува збор за лидери кои Трамп претходно ги фалел.

Во таа смисла, како што пишува „Политико“, церемонијата на инаугурацијата открива многу за политичката траекторија по која ќе се движи неговата администрација.

Кој е поканет?

На врвот на листата на поканети гости се лидерите како италијанската премиерка Џорџа Мелони и аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, популист, кој дојде на власт во Аргентина во 2023 година.

Трамп на нивната последна средба ја нарече Мелони фантастична жена. Од нејзиниот кабинет изјавија дека таа ќе присуствува на церемонијата доколку тоа го дозволи нејзиниот распоред.

Трамп уште минатиот месец го покани кинескиот лидер Си Ѓинпинг. На оваа тема, секретарката за медиуми на Трамп, Каролин Левит, изјави дека тоа ја сигнализира подготвеноста на Трамп да има отворен дијалог со Ѓинпинг. Инаку, кинеските шефови на држави никогаш не присуствувале на ниту една претходна инаугурација на американски претседател.

Во таа насока, Ѓинпинг дава позитивна порака до Трамп, па испраќа високи функционери на церемонијата, како потпретседателот Хан Женг и министерот за надворешни работи Ванг Ји.

 

На инаугурацијата ќе присуствува и индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар, а плановите за присуство ги потврди и јапонскиот министер за надворешни работи Такеши Иваја.

Трамп упати покани до претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, кој сè уште не го потврдил своето присуство и претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа, кој ќе присуствува на церемонијата. Покана доби и поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, но нема да може да присуствува бидејќи му е одземен пасошот поради истрага.

На церемонијата ќе присуствуваат и технолошкиот магнат Илон Маск, основачот на Амазон, Џеф Безос, и шефот на Мета, Марк Закерберг, како и францускиот милијардер и технолошки претприемач Хавиер Нил.

 

Кој доаѓа од Европа?

Од Обединетото Кралство, тимот на Трамп ја покани британската амбасадорка во САД, Карен Пирс, како и лидерот на Реформската партија, Фараж. И покрај јавната расправија со блискиот соработник на Трамп, Маск, тој го потврди своето присуство.

Од Франција, антиимиграцискиот политичар и автор на апокалиптичниот бестселер „Француско самоубиство“, Земур, го потврди своето доаѓање заедно со својата партнерка, пратеничката Сара Кнафо. Ќе присуствува и францускиот амбасадор во Вашингтон, Лоран Били.

Покана беше упатена и до шефицата на германската АФД, Алиса Вајдел, но од нејзиниот кабинет соопштија дека нема да може да учествува поради зафатениот распоред пред кампањата. Ќе присуствуваат Јирген Хард, портпарол за надворешна политика на конзервативната Христијанско-демократска унија, како и амбасадорот во Вашингтон, Андреас Михаелис.

Поканет е и Сантијаго Абаскал, лидер на шпанската ултранационалистичка партија Вокс, како и Португалецот Андре Вентура, лидер на десничарската популистичка партија Чега.

 

Кој не е поканет?

Како што пренесува „Политико“, очигледно дека не е поканета претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Од друга страна, на церемонијата ќе учествува и амбасадорката на ЕУ во Вашингтон, Јовита Нелиупшиене.

Не е поканета ниту Марин Ле Пен, трикратната француска претседателска кандидатка и лидер на екстремната десница, ниту нејзиниот штитеник Џордан Бардела.

Орбан нема да присуствува на инаугурацијата на Трамп

Според „Политико“, на инаугурацијата на Трамп е поканет унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се смета за близок до рускиот претседател Владимир Путин. Сепак, како што пренесуваат медиуми, тој нема да може да присуствува на инаугурацијата.

Унгарскиот државен секретар за меѓународни односи, Золтан Ковач, на Икс објави дека ниту еден унгарски владин функционер, ниту некој странски лидер не добил „официјална“ покана за инаугурацијата на Трамп.

Вели дека претседателската инаугурација на САД е традиционален настан кој го слави мирниот трансфер на власта, а не собир на странски функционери и политичари.

„Секој што ќе присуствува таму, тоа го прави тоа на лична или на покана од администрацијата, а не во службено својство, бидејќи ова не е повод за официјални разговори или состаноци, туку служи за сосема друга цел“,пишува Ковач.

Во таа насока посочи и дека унгарскиот премиер Орбан нема да присуствува на тој настан, туку дека тој ден ќе биде на конференција на која ќе се оценува унгарското претседателство.

Премиерот Мицкоски добил покана да присуствува на инаугурацијата

Пред една недела вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во телевизиско гостување рече дека премиерот Христијан Мицкоски добил покана за инаугурацијата на Трамп.

„Премиерот доби покана, што е ретка работа. Oд регионот веројатно е единствен што ќе присуствува на инаугурацијата. Тоа е огромна чест, огромна привилегија и нешто што многу говори, покрај за државата, и за него лично – како е доживеан и како е ценет во најсилната држава во светот“,рече тој.

Церемонијата на претседателската инаугурација се одржува во зградата на Капитол на САД во Вашингтон. Следната претседателска инаугурација треба да се одржи на 20 јануари 2025 година.

Back to top button
Close