Пораз на пенали од Црна Гора за младите македонски фудбалери

Македонската фудбалска репрезентација до 16 години загуби на пенали од Црна Гора на воведниот натпревар од турнирот „Миљан Миљаниќ“ во Србија. Двете селекции одиграа 2:2 во регуларниот дел, а противникот се радуваше на победа по изведувањето пенали (2:4).
Нашата надежна репрезентација уште во првата минута имаше одлична шанса за отворање на резултатот. Велески не успеа да реализира ситуација „еден на еден“ со противничкиот голман. Во 15. минута повторно не искористивме стопроцентна можност за водство. Крстевски одлично го проигра Велески, но голманот на Црна Гора повторно беше поуспешен.
Во 19. минута Никола Вукоје донесе предност за Црна Гора, но само четири минути подоцна, Марин Крстевски по соло-акција израмни на 1:1.
Во 51. минута Лука Вушуровиќ повторно ја доведе Црна Гора во водство, а Крстевски и Полимац пропуштија одлична можност за израмнување во 79. минута. Сепак, Михајло Павлов од пенал во 87. минута погоди за конечни 2:2.
Во пенал-серијата поуспешни беа фудбалерите на Црна Гора, кои славеа со 4:2.






