Потрагата по двегодишната Данка влегува во трет ден

Потрагата по двегодишната Данка Илиќ од Србија денеска влегува во својот трет ден. Девојчето исчезнало во вторникот попладне во населбата Бањско Поле во околината на градот Бор, по што му се губи секаков траг.

 

Фотографија и лични податоци од девојчето објавени на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи на Србија

По дводневната потрага, српската полиција вчера соопшти дека престанува да го пребарува теренот во приградската населба Бањско Поле кај Бор оти се укажува дека девојчето не е на тој простор, на површина од околу 10 квадратни километри.

По девојчето трагаа повеќе од 500 припадници на полицијата, спасувачи и граѓани.

Српската полиција ја прекина потрагата по Данка кај Бор: Сите досегашни резултати укажуваат дека девојчето не е на овој простор

И покрај прекинатата теренска потрага по Данка во Бањско Поле и околината, полицијата продолжува со интензивна оперативна работа за утврдување на сите факти и околности поврзани со исчезнувањето на детето.

Српското МВР, како што јавуваат тамошните медиуми, во неколку наврати напоменало дека сè уште не се исполнети условите за полицијата да ѝ се обрати на јавноста во врска со исчезнувањето на Данка, но дека граѓаните ќе биде информирани за сите факти кога ќе дојде време за тоа.

Исчезнувањето на двегодишното девојче за првпат го активира системот „Најди ме“ во Србија кој е наменет за итно известување на јавноста во случај на исчезнување на малолетно лице.

Данка Илиќ (2) има кафеава коса, кафеави очи и е висока околу 85 сантиметри. На денот на исчезнувањето носела виолетови панталони и јакна во маслинесто зелена боја

Back to top button
Close