Повеќе од 1.100 жртви во поплавите во Пакистан

Уште 75 лица загинаа како последица на поплавите во Пакистан во изминатите 24 часа, со што бројот на загинати се искачи на 1.138 од почетокот на обилните монсунски дождови во таа земја, соопштија денеска пакистанските власти.

Најголем дел од смртните случаи се пријавени во северозападната провинција Кибер Пахтунхва и јужната провинција Синд, кои беа најтешко погодени од поплавите.

Повеќе од 1.634 лица се повредени во несреќи предизвикани од дожд и поплави, соопштија властите, додавајќи дека загинале и повеќе од 719.000 домашни животни.

 

Како што јави Анадолија, повеќе од 3.451 километар патишта, 149 мостови, 170 продавници и 949.858 куќи беа оштетени низ Пакистан, кој е погоден од врнежи од средината на јуни.

Спасувачките служби поддржани од армиски трупи се распоредени во Кибер Пахтунхва за да спасат стотици заглавени луѓе, бидејќи јужната провинција Синд стравува од ново можно излевање на реката Инд во следните неколку дена.

Воени хеликоптери спасија уште 33 туристи заробени во планините Кумрат.

Back to top button
Close