Пожарникарите поставија оџак на покривот на Сикстинската капела во Ватикан како дел од подготовките за избор на нов папа
Процесот на подготовка за конклавата за избор на нов папа продолжува, при што денеска беше поставен оџакот на Сикстинската капела, од кој ќе излегува чад за време на гласањата за избор на следниот поглавар на Римокатоличката црква.
Пожарникарите беа забележани на покривот на Сикстинската капела како го поставуваат оџакот – клучен момент во подготовките за конклавата на 7 мај.
По секои два круга гласање во Сикстинската капела, гласачките ливчиња на кардиналите се палат во посебна печка за да се покаже резултатот од гласањето пред надворешниот свет. Ако при гласањето не се избере папа, ливчињата се мешаат со патрони што содржат калиум перхлорат, антрацен (компонента на јагленовиот катран) и сулфур, за да се добие црн чад. Кога, пак, гласањето ќе определи победник, ливчињата се мешаат со калиум хлорат, лактоза и хлороформна смола, за да се добие бел чад.
Белиот чад се појави од оџакот при петтото гласање на 13 март 2013 година, а малку подоцна кардиналот Хорхе Марио Бергољо беше претставен пред светот како папа Франциск од централниот балкон на базиликата „Свети Петар“ во Ватикан.
Поставувањето на оџакот се одвива во услови на пристигнување на кардиналите во Ватикан за уште еден ден од предконклавните дискусии за идните потреби на Католичката црква и за тоа каков папа треба да ја предводи.
Во овие консултации учествуваат сите кардинали, вклучително и оние на 80-годишна возраст, кои според прописите немаат право на глас на самата конклава. Во последните денови тие слушаа извештаи за тешката финансиска состојба на Ватикан и имаа можност да разговараат одделно за идните приоритети и за проблемите што ги забележале за време на понтификатот на Франциск.