ПП Левица: Бараме итна оставка на министерот Панче Тошковски
Соопштение на Левица:
Бализам, иредентизам, шовинизам, сецесионизам беа пораките кои одекнуваат во неколку градови во Македонија, а најмногу во Скопје, за време на вчерашното дивеење по повод „прослава“ на Денот на албанското знаме. Министерството раководено од Тошковски, во име нa коалицискиот мир и стабилност во Влада, покажа дека нема намера, ниту капацитет, да ги обезбеди безбедноста и достоинството на македонските граѓани.
Во моменти кога граѓаните бараа одговори и реакција, премиерот Христијан Мицкоски и Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски избраа молк и кукавички се сокрија од јавноста. Нивната коалиција со структури како ВРЕДИ, кои отворено дивееја и ја понижуваа Македонија, само го потврдува нивното учество во организираниот хаос.
Левица го повикува обвинителството да постапи според член 319 од Кривичниот законик, согласно којшто загрозувањето на сигурноста, подбив со националните, етничките и верските симболи, сторителите се казнуваат со затвор од една до пет години. На фотографиите и видеата, јасно се гледаат лицата и регистарските ознаки на автомобилите, што овозможува МВР да ги идентификува сторителите. Доколку ова не биде направено, тогаш власта станува соучесник во ваквите настани.
Државата не смее да си дозволи сервилност додека се сквернават националните симболи, се спроведува неред и насилство и се кршат законите. Владата која не може да обезбеди ред во еден ден, не може да ја води државата низ сложени политички и безбедносни предизвици.
Министерството за внатрешни работи, под водство на Тошковски, покажа дека нема ниту капацитет, ниту визија да спречи инциденти. Оттука, по низата претходни скандали и неразјаснети престрелки во градот, бараме итна оставка на Министерот Панче Тошковски!