Преку Белизе и Белата Палата до плацови на Водно – како функционирала шемата за која Камчев заврши во притвор

Улицата „Питу Гули“ 39 на Водно, стана позната во јавноста пред точно шест години, односно во март 2015 година, кога одекнаа снимките на тогашната опозиција СДСМ за тоа како блиски лица до тогашниот премиер Никола Груевски планирале да го купат атрактивното земјиште од илјадници квадратни километри, каде меѓудругото има и преубава шума.
Локалните жители реагираа дека ова земјиште не смее да се продава, но тие не знаеја дека тоа е веќе продадено, а во снимените разговори Груевски, заедно со тогашниот министер Миле Јанакиески веќе планираат како да се изгради пат кој ќе води директно до парцелите.
Според документите од катастарот, три фирми ги имаа во раце атрактивните локации – фамозната компанија Ексико ДООЕЛ, КАРА и Сирах Инижинеринг.
Се разбира, името на Груевски не фигурираше никаде во оваа шема. Ниту пак името на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. Единствена фирма која ѝ беше тогаш позната на јавноста е КАРА – компанија на семејството Камчеви.
Вредното земјиште беше составено од 6 парцели од вкупно 17 илјади квадратни метри. Секоја од фирмите поседуваше по 2 парцели, но најмногу имаше Сирах Инжинеринг – 11 илјади квадратни метри.
Од производство, трговија и услуги до рекреација за пензионери
Фирмата Сирах Инжинеринг го привлече вниманието на јавноста, особено поради фактот што нејзин сопственик беше Сирах Лимитед, компанија лоцирана во даночниот рај Белизе, на истата адреса каде што тогаш беше регистриран и неделникот „Република“ и уште една компанија – Базики ЛТД, поврзана со Камчев и Цветан и Дејан Панделески, кумашинот на ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески.
Седиштето на Сирах во Македонија беше во станбена зграда во Кисела Вода, а нејзин директор беше Ристо Новачевски – име дотогаш непознато за јавноста, за кое подоцна се испостави дека е кум од првиот брак на Груевски.
За КАРА, веќе се знаеше – стануваше збор за компанија блиска до семејството Камчеви.
„Вие побрзавте фирмата од Белизе да ја продадете на еден познат бизнисмен, кој е близок со вас и со вашиот братучед Сашо Мијалков од страв дека ќе ви биде земено“, се обрати тогашниот пратеник во Собранието, актуелен градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, во 2015, до тогашниот премиер Груевски.
„Најостро ги демантирам, како целосно невистинити, наводите изјавени од Зоран Заев за тоа дека наводно сум купувал градежни плацеви и дека наводно сум сопственик на било каков плац, или пак на било каков начин поседувам имот надвор од оној кој е пријавен во мојот анкетен лист, кој е јавно објавен“, одговори Груевски во 2015 година.
Но сепак, веднаш по обелоденувањето на снимките од опозицијата, во 2015 година, фирмата Сирах го менува името – од Друштво за производство, трговија и услуги Сирах Инженеринг ДООЕЛ Скопје во октомври 2015 станува Друштво за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери Систина Лајф Кеар Сентар ДООЕЛ Скопје.
Потоа од името на фирмата отпадна и „Систина“, па сега таа се води како Друштво за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери Лајф Кеар Сентар ДООЕЛ Скопје.
Преименувањата на фирмата – сопственик на вредното земјиште, според обвинителството, се прави за да сокријат вистинските сопственици и патот на парите.
Ристо Новачевски беше избришан како сопственик на „Сирах“ во 2015 година, а сопствеништвото го презема бизнисменот Јордан Камчев и неговата сестра Кристина Камчева Стојческа. Понатаму, газди на фирмата стануваат различни компании на Камчеви, а во моментов, од 2019, сопственик на фирмата „Лајф Кеар“ е Ирина Самсоненко, сопруга на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.
Повеќе на А1он.






