Прележувањето на Ковид дава слично ниво на заштита како вакцината, но во период од 20 недели

PHE (Public Health England) откри дека имунитетот од претходна инфекција со Ковид-19 обезбедува 83% заштита од реинфекција во период од најмалку 20 недели.

Луѓето кои прележале коронавирус имаат слично ниво на имунитет како и оние кои примиле вакцина – барем за првите пет месеци, сугерира истражување на (Public Health England).

Студија која опфати повеќе од 20.000 здравствени работници донесе до заклучокот дека имунитетот стекнат од претходна инфекција со Ковид обезбедува 83% заштита од реинфекција во период од најмалку 20 недели.

Наодите покажуваат дека иако луѓето веројатно нема да се реинфицираат кратко по првата инфекција, сепак можно е повторно да се заразат и потенцијално и да го шират вирусот на други.

-Генерално, мислам дека ова е добра вест – изјави проф. Сузан Хопкинс, медицинска советничка на PHE.
„Претходната инфекција ќе ги заштити од идни инфекции, но во исто време тоа не претставува целосна заштита, и затоа сè уште треба да се биде претпазлив“.
PHE регрутираше здравствени работници од болници низ Велика Британија и ги подели во две групи: претходно инфицирани од коронавирус и оние кои немале. Помеѓу јуни и ноември минатата година, учесниците биле подложени на двонеделни PCR тестови за вирусот и месечни тестови за испитување на нивото на антитела во нивната крв.

Во текот на пет месеци, истражувачите ги следеле стапките на инфекција во двете групи и забележале 44 потенцијални реинфекции, вклучително и 13 симптоматски од 6.614-те случаи за кои се верува дека претходно биле инфицирани од Ковид и 318 случаи од 14.173 за кои немало докази за инфекција во минатото.
Претходна инфекција, заклучуваат тие, обезбедува 94% заштита од симптоматска реинфекција и 75% заштита од асимптоматска реинфекција.

Случаите се нарекуваат „потенцијални“ реинфекции бидејќи мора да се направи детална генетска анализа и на првиот и на вториот вирус за да се потврди реинфекција, но информациите за првите инфекции често не се достапни.
-Имунитетот има сличен ефект како вакцината Pfizer и многу подобар ефект од вакцината AstraZeneca, а тоа е смирувачко за луѓето. Но, ние сè уште гледаме луѓе кои можат да пренесат и затоа сакаме да предупредиме – рече проф. Хопкинс.

Во клиничките испитувања, две дози на вакцината Фајзер имале ефикасност од 95%, во споредба со 62% од две дози на вакцината Оксфорд/АстраЗенека.
Додека студијата е охрабрувачка, не е јасно дали истата заштита важи и за постарите луѓе. Учесниците на студијата биле на возраст од 35 до 54 години и се очекува да имаат силен имунолошки систем. Кај повозрасните имаат тенденција на послаби имунолошки одговори кои траат пократко.
Останува отворено прашањето за ризикот од повторна инфекција од новите варијанти на Ковид забележани во Велика Британија, Јужна Африка и Бразил, проблем што PHE ќе го истражува во понатамошната разработка на студијата оваа година.
„Што некој мисли за бројките, е прашање од типот „дали чашата е полуполна или полупразна – вели Дени Алтман, професор по имунологија на Империјал колеџот.
„За многумина, може да биде разочарувачки да се наметнуваат цврсти бројки додека имунитетот всушност е променлив и варијабилен,па има поголема шанса од 1 на 10 да дојде до реинфекција во рок од пет месеци, и тоа токму сега, кога за многу здравствени работници во Велика Британија поминати се повеќе од девет месеци од инфекциите во првиот бран “.

Извор: Гардијан
превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close