Премиерот на Луксембург му порача на Трамп дека ЕУ не е послаба од САД
Премиерот на Луксембург Лук Фриден денеска остро одговори на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување дополнителни царини за стоки од Европската унија.
– Ние не сме послаби од САД и ако некој сака трговска војна, ќе ја има, рече 61-годишниот премеир на самитот на ЕУ во Брисел и додаде дека треба да се одржат добрите трансатлантски врси.
Фриден нагласи дека „не треба веднаш да се возбудуваме за секоја одлука на американскиот претседател“ и истакна дека ЕУ засега не е засегната од дополнителни американски царини.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека „многу скоро“ ќе воведе царини за европските производи, слични на оние што веќе ги наметна за увозот од Канада и Кина.
– Тие имаат огромна предност во трговијата со нас – САД има трговски дефицит од 300 милијарди долари. Тие не купуваат наши автомобили, земјоделски производи – речиси ништо. А ние купуваме милиони нивни автомобили и големи количини храна, изјави Трамп на прес-конференција.
На прашањето кога точно ќе бидат воведени царините, Трамп одговори дека нема конкретен датум, „но ќе биде многу скоро“.
Финскиот премиер Петри Орпо реагираше поумерено од неговиот луксембуршки колега.
– Се подготвивме, со Трамп ќе мора да се преговара. Нема да почнам никаква војна. Сакам да почнам преговори“, рече Орпо во врска со заканата на Трамп.