Преспа
Почитувани пријатели, минатиот викенд со мои блиски пријатели го поминавме на брегот на Преспанското Езеро. Пријателите од Ресен и околните села кои имаат специфично шегобити топоними на чија сметка се шегачиме, како Подмочани и Долнодупени, ми дадоа поттик овој престој да го споделам со вас.

Планината Галичица го дели Охридското од Преспанското Езеро или посликовито, езерата се во пазувите на планината. Во основа Преспанското Езеро е вистинскиот и единствен природен резервоар на водите во Охридското езеро. Ваквиот заклучок сам по себе се наметнува, бидејќи Преспанското Езеро е на сто метри повисока надморска висина од Охридското Езеро, а планината Галичица, која ја краси варовникот како морфолошки состав, овозможува водите од Преспа да бидат достапни за водите во Охрид. Така што езерата не можат едно без друго, исто како што едно туристичко место не може без добра музика и угостителски објекти.
На музичката сцена во Ресен повеќе од половина век функционира музичката група Персиди. Нивниот фронтмен Тони, човек со љубов кон музиката е вистинска енциклопедија на севкупната македонска, бивша ЈУ и светска музика.
Викендот го поминавме со забави кај домаќините Лазе и Кате во нивниот Ресторан ,,Оаза”, каде се пееше и забавуваше до раните утрински часови.
Едно нешто научив за Преспа, Ресен и жителите кои го карактеризираат овој крај, а тоа е дека сите пеат и ја консумираат музиката како животен напиток.
Им порачувам на моите сограѓани и читатели, ако сакаат да се натпреваруваат во пеење да не одат во Ресен, бидејќи ќе бидат натпеани.
Во музичкиот состав Персиди издефилирале повеќе десетици музичари, дел од нив заминале од бендот, а некои од нив се усовршиле.
По заслуга на фронтменот Тони, од бендот се оформи прекрасен оперски пеач со име Живе Кремшо, кој денес настапува во оперската куќа во Есен, Германија, како прв баритон. Кога се видовме и поразговаравме со него дознавме дека причината што тој станал оперски пеач лежи токму во фронменот Тони. Уште како тинејџер настапувал во бендот Персиди и Тони му рекол: „Живе, ти не си за тука, оди учи школо”. Пред Живе денес претстои успешна кариера во светот на операта и нема да ме зачуди ако настапи во најсилните оперски куќи низ светот, како Миланска скала или Метрополитен.
Што се однесува до храната, специјалитетот на Преспа и Ресенчани е ѓомлезе. Секако, ѓомлезето е и по мој вкус, прсти да излижеш дур јадеш.
Имавме прилика за прв пат, да направиме комплетна обиколка околу целиот брег на Преспанското Езеро, секако од наша македонска страна, почнувајќи од Долно Дупени до грчката граница па сѐ до Коњско, блиску албанската граница. Импресионира историското богатство од рано-христијанскиот и средно-вековно христијанскиот живот на оваа популација во овој регион.
Припаѓам на луѓе кои ја сакаат својата историја и го почитуваат духот на нашите предци, пра, пра сограѓани.
Црквата во Курбиново, зрачи со уникатност во христијанскиот свет. Токму во оваа црква прв пат во фреска е поставен Свети Ѓорѓи и Белиот ангел.
Покојниот Академик Цветан Грозданов, еден од врвните византолози во светот, за оваа црква заедно со свој колега од белгиската академија на науки, издава монографија за Курбиново, отпечатена во Македонија на македонски јазик во 500 примероци. Изданијата на неговиот колега од Брисел се отпечатени на француски и фламански јазик и денес ја достигнуваат бројката на повеќе од 15.000 продадени монографии во Белгија. Куриозитет е што отпечатената монографија за Курбиново на македонски јазик повеќе од 300 примероци сѐ уште се наоѓа во депото на МАНУ, а останатите 200 се поделени на државните институции на Република Македонија. Овој факт многу говори сам за себе. Покојниот Грозданов умееше да каже: „не умееме да ги цениме делата на нашите предци, додека современиот свет ги голта со голем интерес сознанијата како се развивала цивилизацијата во регионот и пошироко”.
На крајбрежјето од Преспа има повеќе од 400 цркви и манастири кои датираат од 5 век до ден денешен.
Врв на нашето патување беше посетата на Островот на змиите или ако милувате Островот на пеликаните или поточно Големиот Град. Сѐ уште не можам да разберам како го добил името остров на змиите, бидејќи змии скоро и да нема. Пеликаните се вистинско богатство, тие се единствените птици кои од брегот на Јадран доаѓаат и живет во слатките води на Преспа. Самиот остров со називот Голем Град во себе крие долга историја за која ниту науката, а ниту пак мештаните даваат конкретен одговор. Мали артефакти го красат овој остров уште од времето на Римската империја. Убеден сум дека на овој остров се наоѓа и најстарата црква Св. Петар која датира од 4-5 век од новата ера.
Градбите од Самоиловата тврдина и ден -денес се дел од ова културно-историско богатство, со еден збор чудесен остров, кој за жал е далеку од очите на јавноста, како во Македонија така и во светот.
Не сакам да се помирам со фактот дека не умееме на светот да му покажеме колку голем цивилизациски придонес имаме токму преку делата на нашите предци и пра родители.
Почитувани читатели, Преспанското Езеро и културното богатство долж неговите брегови, не смееме да го оставиме во сенка на заборавот.
Повеќе од една деценија нивото на водата во Преспанското езеро драстично се намалува, што за мене е чин за тревога. Жално е што на преспанскиот брег нема ниту еден изграден хотел, а уште помалку ресорт кој би бил во функција. Жално е што низ водите на ова прекрасно езеро возат само обични чамци за пренос на луѓе и стоки до околните места. Жално е што плажите на ова прекрасно езеро изгледаат напуштени и празни.
Вообичаено ќе го изразам својот став: Зошто ова не смее да се случи во Преспа? Вината ја гледам во централната власт која не презема никакви активности за афирмација на овој регион. Најнапред да се сочува нивото на водата и да се отворат гранични премини кон Грција и Албанија.
Езерото и богатството кое го носи ова езеро треба да биде базичниот стопански развој, а не само јаболкото, секако добредојдено, меѓутоа не единствено приоритетно.
Локалната власт во Преспа е многу молчелива пред централната власт. Локалната власт мора да инсистира да се подигне пиететот на Преспанското Езеро и културното историско богатство околу него.
За мене културното богатство кое го нуди регионот на Преспа е равенство на богатството кое денес го чувствуваме во Охрид и Охридското езеро.
Не можам да разберам зошто Преспанското Езерото не е заштитено од Унеско, бидејќи без Преспа не би постоел ни Охрид! Уште побитно е што културното богатство кое го нуди Преспанскиот регион е уникатно, посебно во развојот на христијанството. Користам прилика да упатам порака до локалната и централната власт: Преспа е идентичен бисер како и Охрид. Дајте му шанса и помогнете ова културно наследство, таложено со векови наназад, да добие светлина и биде јавно достапна на современиот свет.
Стопанскиот развој насочете го кон благодетите кои ги нуди Преспанското Езеро, а тоа се туризам и храна. Без големи проекти во кои ќе го афирмираме Преспанскиот регион и останатите запуштени региони во Македонија, како Малешевско-Осоговскиот регион, ќе бидме сведоци на масовно иселување надомицилната популација. А без човек со сопствена репродукција, не можеме да очекуваме иднина за нашава татковина.
Пораката е јасна, да го сочуваме човекот, да му дадеме проекти во кои ќе се вгради, опстои и остане на сопственото огниште.
Трифун Костовски






