Претседателот на Собранието Џафери и кинескиот амбасадор Ѕуо донираа таблети за ученици во битолско

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и амбасадорот на Народна Република Кина Жанг Ѕуо денеска донираа 82 таблет уреди за децата од ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и подрачните училишта во село Кишава, Битола. 

Како што соопшти собраниската прес-служба, активноста е резултат на посредувањето и отворената комуникација, како и континуираната и блиска соработка на Собранието и Амбасадата, односно на Џафери со амбасадорот Ѕуо во текот на целиот негов мандат и на чија што иницијативата се реализира доделувањето на оваа донација во висина од 10 000 американски долари за Република Северна Македонија.

Претседателот на Собранието Џафери во своето обраќање пред децата и наставниот кадар истакна дека пандемијата од Ковид – 19 покажа дека иако институциите се еден чекор напред при планирањето на активностите, одредени предизвици доаѓаат ненајавено. Таков пример е потребата од следење на онлајн настава за децата, особено на децата од ранливи категории, кои благодарение на несебичното залагање на наставниците во изминатиот период успеаја да постигнат одлични резултати. Иако донацијата се реализира при крајот на учебната година, Џафери истакна дека, таблет уредите ќе може да се користат и идната година, иако искрено се надева дека заради имунизијата на населението учениците ќе се вратат во своите клупи со што, овие уреди ќе може активно да се користат како нагледни средства и алатка за истражување и постигнување на уште подобри резултати, се посочува во соопштението. 

Амбасадорот Ѕуо, како што се наведуба, ја истакна долгогодишната блиска соработка со Џафери и повеќедимензионалната парламентарната соработка меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина. Неговата екселенција, се вели во соопштението, се осврна на донацијата од 300 000 дози на вакцини Синофарм од Кина, а конкретен резултат на таа соработка е и денешната донација на таблетите. Им честиташе на учениците и наставниците за успешното справување со предизвикот он – лајн настава и изрази надеж дека оваа донација дополнително ќе го олесни процесот на совладување на наставниот материјал за учениците идната година. 

Back to top button
Close