Претставничкиот дом на САД поднесе предлог-закон „Акт СРБИЈА“ – бара демократски реформи, владеење на правото и оддалечување од источното влијание.
Претставничкиот дом на САД (H.R. 10183) од актуелниот 119-ти Конгрес поднесе предлог-закон кој е насловен како „Акт СРБИЈА“ (SRBIJA Act).

Името е акроним од „Supporting the Rule of law, Building Institutional Justice, and Accountability Act“ (Акт за поддршка на владеењето на правото, градење институционална правда и отчетност).
Овој закон е претставен на 27 август 2026 година од страна на конгресмените Џо Вилсон (републиканец) и Вилијам Китинг (демократ).
Што точно претставува и што предвидува овој акт?
Суштински, ова е легислатива преку која САД имаат за цел да извршат дипломатски притисок врз Србија. Одосно, преку неа, американската соработка и помош се условуваат со спроведување на конкретни демократски реформи, почитување на владеењето на правото и оддалечување од источното влијание.
Клучните точки на овој предлог-закон се:
Загриженост за надворешната политика и демократијата:
Конгресот изразува загриженост поради назадувањето на демократските стандарди во Србија, губењето на судската независност, ограничувањето на слободата на медиумите и зголемената корупција. Посебно се критикуваат и се следат растечките и продлабочени врски на Србија со Русија, Кина и Иран.
Барање одговорност и истраги:
Актот експлицитно бара транспарентни и независни истраги за конкретни домашни случувања во Србија, како што се падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, како и наводите за прекумерна употреба на полициска сила врз демонстрантите.
Условување на Стратешкиот дијалог:
Законот бара од Стејт департментот на САД да го замрзне американското учество во Стратешкиот дијалог меѓу САД и Србија, освен доколку српската страна не се согласи главен фокус на тие средби да бидат нејзините односи со Русија, Кина и Иран, организирањето слободни избори, антикорупциските мерки и слободата на медиумите.
Извештаи за руското и кинеското влијание:
Го задолжува Државниот секретар на САД, заедно со разузнавачките служби, во рок од 180 дена да достави детален извештај до Конгресот за тоа како кинеските инвестиции и руското влијание во Србија им штетат на американските безбедносни интереси.
Санкции:
Актот охрабрува воведување на визни и финансиски санкции кон лица од Србија (и Западен Балкан) кои ја загрозуваат стабилноста, ги подриваат демократските институции, се вмешани во сериозна корупција или ги кршат човековите права.
Наградување при евентуален напредок:
Доколку Претседателот на САД формално потврди дека Србија направила одржлив напредок во судството, слободата на медиумите и се усогласила со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО, се отвора можност за зголемување на американската помош и проширување на билатералната соработка.
Доколку биде изгласан, овој закон би имал важност од пет години.
Целта му е јасна: да се користи американското стратешко партнерство како лост со кој Србија би се принудила да се врати на про-западниот колосек и да спроведе суштински домашни реформи.
За Западен Балкан генерално:
Регионални санкции: Актот повикува на употреба на извршните наредби на САД за воведување строги визни и економски санкции кон било кој поединец или ентитет во Западен Балкан кој:
Ја загрозува регионалната стабилност и мир.
Е вмешан во висока корупција.
Ги поткопува демократските институции.
Врши сериозни прекршувања на човековите права.
Заштита на регионот од малигни влијанија: Законот гледа на Србија како на потенцијална влезна точка за руското и кинеското влијание кое може да се прелее и да го дестабилизира целиот Западен Балкан.
Евроатлантска интеграција: Се нагласува дека целта на американската политика е да го заштити целиот регион од конфликти и да ја поддржи неговата интеграција во Европската Унија, што е директно загрозено од автократските тенденции.
Накратко, законот ја третира Србија како клучен фактор за стабилноста на Западен Балкан, но смета дека нејзините моментални политики го дестабилизираат не само сопственото општество, туку и целиот регион






