Прв пат во историјата: Мајка на масовен убиец прогласена за виновна за убиство

Ова никогаш досега не се случило: тинејџер изврши вооржен масакр во училиште во САД, а неговата мајка е осудена за тоа. Причината: Таа го обезбедила оружјето со кое било извршено злосторството.

Обвинителите изјавија дека Џенифер Крамбли, според законот во Мичиген, имала должност да го спречи нејзиниот син, кој тогаш имал 15 години, да го изврши кривичното дело.

Таа е обвинета дека ги обезбедила оружјето и муницијата со кои бил извршен масакрот и оти ги игнорирала предупредувачките знаци дека синот Итан може да биде насилен и не побарала стручна помош за поддршка на неговото менталното здравје .

Четирите обвинителни пресуди, по една за секој убиен ученик во средното училиште во Оксфорд, Мичиген беа донесени по 11 часа заседавање на поротата.

Џенифер и Џејмс Крамбли се првите родители во САД кои се обвинети за масовно убиство извршено од нивното дете. На Џејмс ќе му се суди во март.

Трагедијата се случи на 30 ноември 2021 година, кога Џенифер и Џејмс биле повикани во училиштето затоа што на задачата по математика Итан нацртал пиштол, куршуми и застрелан човек. Тие дошле на разговор, но рекле дека нема потреба да го носат синот дома и да побараат стручна помош за него.

Училиштето во кое во 2021 година тогаш 15-годишниот Итан го изврши злосторството
Училиштето во кое во 2021 година тогаш 15-годишниот Итан го изврши злосторствотоФотографија: Paul Sancya/AP/picture alliance

Неколку часа подоцна, Итан извадил пиштол од ранецот и застрелал 10 ученици и наставници, убивајќи четворица.

Неговиот татко го купил пиштолот четири дена претходно, по што го однел Итан на стрелиште да го научи како да пука.

Одборот за условно ослободување во Мичиген ќе одлучи колку Џенифер ќе остане во затвор, а максималната казна за убиство од небрежност е 15 години.

Обвинителите, сепак, сѐ уште не се изјаснија дали ќе бараат да се соберат казните за четирите пресуди, што може да значи до 60 години затвор.

Итан Крамбли, кој сега има 17 години, се изјасни за виновен за убиство и за тероризам и отслужува доживотна затворска казна.(dw)

Back to top button
Close