Пукната цевка исфрли блок на РЕК „Битола“ од мрежата, од ЕСМ велат дека попладне ќе биде приклучен
Поради пукната цевка, блокот со кој РЕК „Битола“ произведувала струја, во текот на вчерашната ноќ е испаднат од мрежата, информираат од АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ).
Од ЕСМ велат дека електричната енергија е надоместена од сопствените производствени капацитети и оти не е направена никаква дополнителна набавка на хавариска струја, а како шпекулации ги отфрлаат и информациите дека е направен дебаланс на системот.
Од компанијата посочуваат дека веднаш се започнати пуштачки операции за враќање на еден од блоковите на мрежа и денеска во попладневните часови се очекува истиот да биде приклучен.
„Согласно планот за производство се очекува до крајот на неделата да биде ставен на мрежа и вториот блок, додека на почеток на следната недела се очекува сите три блокови да бидат на мрежа“,додаваат од ЕСМ.
Од АД „Електрани на Северна Македонија“ велат дека РЕК „Битола“ планирано работел само со еден блок во текот на изминатиот период, а тоа било како резултат на направените анализи на пазарот на електрична енергија при што имало набавка на струја со поволни цени кои на ЕСМ му овозможиле намалување на трошоците на работа