Уставните судии си ги зголемија платите од 1 октомври

Претседателот и судиите во Уставниот суд на Република Северна Македонија од 1 октомври оваа година ќе земаат повисоки плати од оние што во моментов за нив ги предвидува Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во државата. Епилогот следува откако уставните судии ги укинаа измените на Законот од февруари годинава кои се однесуваат на нив, а со кои беа намалени коефициентите за пресметка на платите на сите функционери.
Одлуката е донесена на седницата одржана на 17 јуни. Оваа околност помина под радарот на јавноста, делумно затоа што на истата седница се укина преименувањето на улиците и плоштадите во Тетово во 2007 година, што подразбира враќање на старите називи. На веб-страницата на Уставниот суд, сепак, е поставена одлуката за укинување на делови од два члена од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица со целосното образложение.
Што пишува во одлуката?
Според објавата, мнозинството судии на Уставниот суд донеле одлука за укинување на делови од членот 14 од Законот за плата и други надоместоци за избрани и именувани лица, кои се однесуваат само на претседателот на Уставниот суд, и дел од членот 15, кој се однесува на членовите на Судот кој е задолжен за заштита на уставноста на законите и прописите во државата.
„СЕ УКИНУВААТ член 14 во делот „претседател на Уставниот суд на Република Македонија,“ и член 15 во делот „судија на Уставниот суд на Република Македонија,“ од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.36/1990; „Службен весник на Република Македонија” бр.44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 45/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.51/2023, 65/2023, 51/2024, 272/2024 и 39/2026)“,
се вели во точката 1 од одлуката.

Во точката по неа се наведува дека укинатите деловите од одредбите од Законот ќе престанат да важат на 1 октомври 2026 година.
Според третата точка, од 1 октомври пресметката на платата на претседателот и судиите на Уставниот суд ќе се врши според коефициентите од измените на Законот донесени во 2024 година.
„По истекот на рокот од точката 2 на оваа одлука, а заради нејзино извршување, за пресметката на платата на претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија и судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе се применува Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 272/2024), до уредувањето на ова прашање со закон, согласно со ставовите на Судот во оваа одлука“,
гласи во целост точката 3 од одлуката на Уставниот суд донесена во средата.

Што значи тоа во пракса
Собранието кон крајот на февруари годинава донесе измени на Законот со кој ги намали платите, односно коефициентите за пресметување на платите на избраните и именувани лица, а со тоа и намалување на, условно кажано, функционерските плати.
Во членот 14, кој го опфаќа и претседателот на Уставен суд, коефициентот беше намален од 3,08 на 2,81. Во членот 15, кој се однесува на судиите во Уставниот суд, оваа ставка односно коефициент се намали од 2,85 на 2,60. Инаку, за пресметка на платата на избраните и именуваните лица во Република Северна Македонија се зема просечната плата помножена со коефициентот.
Ако се чита внимателно одлуката на Уставниот суд донесена во средата, од 1 октомври годинава платите на претседателот и на членовите на Судот ќе се пресметуваат според „старите“ коефициенти, донесени со измените на Законот од 2024 година. Односно, за пресметка на платата на претседателот ќе се зема коефициентот 3,08, а за членовите на Уставен 2,85.

Кои се аргументите на Уставниот суд
Според образложението на одлуката, таа е донесена откако Уставниот по сопствена иницијатива и со решение од 4 февруари годинава решил да поведе постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот. Според Судот, основано се поставило прашањето за нивната согласност со дел од членовите на Уставот со кои се регулира поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, усогласената на законите со Уставот и позицијата на Уставниот суд во правниот поредок во државата, односно дека станува збор за орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
Осврнувајќи се на овие одредби од највисокиот правен на државата, Уставниот суд ги црпи своите аргументи во образложението на одлуката.
Во, условно кажано, првиот дел од образложението, Судот ги наведува начелата според кои е надлежен да одлучува за уставноста на законите и прописите во државата и неговата поставеност во рамките на системот на поделба на власта.
Во однос на поставеноста, се нотира дека е неспорно оти Уставниот суд не е дел од организацијата на државната власт во која спаѓа судството, туку е посебен орган на Републиката којшто ја штити уставноста и законитоста. Сепак, се наведува, во суштина, „може да се каже дека врши т.н. уставно-судска функција во рамки на уставно утврдените надлежности, меѓу кои спаѓаат одлучувањето за согласноста на законите со Уставот, согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и одлучувањето за слободите и правата на човекот и граѓанинот“.
Поконкретно, во однос на укинатите одредби, во образложението се вели иако законодавецот, Собранието, има право да ги определува платите во јавниот сектор, вклучително и платите на функционерите, сепак не може и не смее да ја игнорира уставната поставеност на Уставниот суд
„Во околности на непостоење на посебен Закон за Уставниот суд поради отсуството на уставен основ за донесување ваков закон, неспорно е дека уредувањето на платите на судиите на Уставниот суд е materiae legis, односно прашање што е во исклучив домен на законодавната власт и законодавецот има право да ги определува платите во јавниот сектор, вклучувајќи ги и платите на носителите на јавните функции, меѓу кои се и судиите на Уставниот суд. Но, притоа законодавецот не може и не смее да ја игнорира уставната поставеност на Уставниот суд и уставните судии кои имаат најцврсти можни гаранции за нивната независност и самостојност. Имајќи го предвид фактот дека од содржината на членовите 14 и 15 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, произлегува дека коефициентот за утврдување плата на претседателот на Уставниот суд е ист со коефициентот на потпретседателот на Собранието, додека коефициентот за утврдување плата на судија на Уставниот суд е ист со член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, гувернер на Народната банка, државниот правобранител, народниот правобранител, секретарот на Собранието и секретарот на Владата, несомнено произлегува дека со наведените одредби платите на претседателот и судиите на Уставниот суд се уредуваат во ист нормативен режим и со иста законска логика како платите на другите носители на јавни функции од законодавната, извршната, монетарната власт итн“,
се вели во образложението на Уставен.

Според Уставен, уредувањето на платите на претседателот и судиите на Уставниот суд под ист нормативен режим со другите носители на јавни функции е суштествена повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот предок.
„Ваквиот пристап води кон негирање на институционалната и функционалната автономија на Уставниот суд и ја релативизира неговата уставна положба како посебен орган на Републиката којшто ја штити уставноста и законитоста. Поради наведеното, Судот утврди дека член 14 во делот ‘претседател на Уставниот суд на Република Македонија’, и член 15 во делот ‘судија на Уставниот суд на Република Македонија’, од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 11, членовите 51 и 108 од Уставот на Република Северна Македонија“,
наведуваат од Уставен во образложението.Инаку, како што претходно се наведува во него, решението за поведување постапка за измените на Законот било доставено до Собранието и до Владата на Република Северна Македонија со барање да се произнесат по наводите содржани во него, но до дадениот рок оттаму не стигнал одговор.
„Воедно, со наведеното решение, а врз основа на член 36 став 2 од актот на Уставниот суд, на Собранието на Република Северна Македонија му беше определен рок од 60 дена за измена и/или дополнување на Законот во кој се содржани оспорените делови, во согласност со ставовите на Судот изнесени во образложението на Решението. До истекот на определениот рок од 60 дена, од страна на Собранието не беше постапено согласно со ова решение“,
наведуваат од Уставен.






