Путин одби да оди во Турција по потерницата од судот во Хаг
Рускиот претседател Владимир Путин одлучи да не оди во Турција на церемонијата за полнење нуклеарно гориво во нуклеарната централа Акују. Путин ќе присуствува на настанот на 27 април преку видео врска, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за ТРТ Хабер.
На крајот на март, Ердоган го покани Путин лично да ја посети Турција. „Можеби господинот Путин исто така ќе пристигне на 27 април, или ќе се поврземе преку онлајн системот и, се надевам, ќе го направиме првиот чекор“, рече тој за стартувањето на нуклеарната централа за ТВ каналот А Хабер.
За подготовките за посетата на Путин извести и турското издание „Дик Газете“. Според него, било планирано Путин заедно со Ердоган да ги посети провинциите погодени од земјотресот и да разговара за руско-турското партнерство на различни полиња. Но, Москва побрза да објави дека одлуката за патувањето на Путин во Турција сѐ уште не е донесена.
Во средината на март, Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг издаде налог за апсење на Путин поради сомневање за воени злосторства во Украина. Поточно, тој и детскиот правобранител Марија Лвова-Белова се осомничени за незаконско депортирање на деца од окупираните територии на Украина во Русија.
Според налогот на МКС, Путин би можел да биде уапсен во една од 123-те земји кои го ратификувале Римскиот статут, по кој работи судот. Турција го нема ратификувано овој документ и не ја признава јурисдикцијата на судот во Хаг.
…