Ракетата „Старшип“ на „Спејс Икс“ успешно лансирана, но по неколку минути експлодира


Компанијата на Илон Маск, „Спејс Икс“ (SpaceX) денеска за прв пат успешно ја лансираше ракетата „Старшип“ (Starship) од новата генерација, но таа експлодира во воздухот неколку минути подоцна.

Ракетата висока 120 метри беше лансирана на својот прв пробен лет без екипаж од полигонот на „Спејс Икс“ источно од Браунсвил, Тексас.

„Спејс Икс“ се надеваше дека ќе лета во најдобар случај 90 минути. Меѓутоа, по помалку од четири минути лет, горната етапа на ракетата не се одвоила од долната етапа и леталото експлодирало.

И покрај ова, претставниците на „Спејс Икс“ беа задоволни од успешното лансирање и ја прогласија кратката епизода за успешен пробен лет.

„Честитки до екипажот на „Спејс Икс“ за овој одличен пример на пробен лет. Научивме многу за идниот пробен лет што ќе следи за неколку месеци“, напиша Маск на Твитер.

Американската вселенска агенција НАСА го избра вселенското летало „Старшип“ за превоз на астронаути на Месечината на крајот на 2025 година. Мисијата позната како Артемис III е прва таква мисија од крајот на програмата Аполо во 1972 година.

НАСА ќе носи астронаути во орбитата на Месечината во ноември 2024 година користејќи ја сопствената ракета „Систем за вселенско лансирање“ (Space Launch System), која се развива повеќе од една деценија.

Back to top button
Close