Растат долговите во државното здравство – сумата оди накај 60 милиони евра

Растат долговите во јавното здравство. Само во првиот квартал од годинава, долгот е зголемен за 5,4 милиони евра во споредба со претходниот квартал. Најзадолжена останува Службата за општи и заеднички работи во здравството, со рекорден долг од околу 25 милиони евра. Оваа служба е и во првите десет најголеми должници во државата, објави ТВ „24“.

Универзитетската клиника за онколoгија веќе не е меѓу првите десет на должничката листа. Таа успеала да го намали долгот од десет на осум милиони евра, но и покрај тоа останува во првите 30 на должничката листа на Министерството за финансии. Меѓу првите триесет е и Здравствен дом-Скопје, чиј долг пораснал од 3,2 на 3,5 милиони евра.

Јавното здравство, зад јавните претпријатија на централно и локално ниво и општините, останува меѓу најзадолжените сектори во државава.

Од фондот за здравство велат дека се вршат редовни надзори врз финансиското работење на јавните здравствени установи, а покрај нив се прават и вонредни контроли по барање на самите установи или по проценка на менаџментот на Фондот, кои што потоа се доставуваат до Министерството за здравство, за финансии и до Државниот завод за ревизија.

Back to top button
Close