Разговори од црната кутија

Лидерите на политичките парламентарни партии учесници на разговорите за европската иднина на Македонија по ова прашање имаат исти став. Сите до еден ја гледаат Македонија како идна членка на ЕУ. Тоа во некои нормални околности би значело општ консензус бидејќи и мнозинството граѓани, интелектуални и деловни елити ја поддржуваат таа определба. Но, консензус нема, лесно предвидлив и јавно најавен епилог на лидерската средба пред да се одржи. Како успех се книжи само одржувањето на разговорите. Се друго е врачување на фактури со партиски интереси.

Разликите навидум не се во целта, туку во отстапките и компромисите што треба да се направат за да се стаса до членството во ЕУ. Најчесто тоа се нарекува: превисока цена што треба да се плати, но која со секое одложување станува сѐ повисока и потешка за прифаќање. Така стасавме до ситуација кога покрај блокадите од соседите и од ЕУ, консензусот се условува и со други побарувања од политичките партии кои немаат никакви допирни точки со „некаква си европска иднина на Македонија.“

Главен интерес на опозициските партии во прв ред се предвремени избори, поткрепени со реалните проблеми на граѓаните, инфлацијата, сиромаштијата, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, поголеми колективни и етнички права, демократизација на општеството, побрз економски напредок, вистински реформи во сите области. Акутни состојби присутни целиот период на македонската транзиција за време на сите влади и парламентарни состави, во 31 годишното владеење наизменично речиси подеднакво на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ со своите коалициони партнери.

Иронијата на замената на тезите е во фактите што сите најнови побарувања од политичките лидери се содржани во преговорите со ЕУ кои се отпочнати со скринингот и кои за наредната фаза се условени со влез на Бугарите во Уставот. Очебијно затскривање во популистичка бусија за елиминација на некаква си европска иднина.

Партиите на лидерската средба која што ја иницираше премиерот Димитар Ковачевски, ги ставија на маса своите размислувања и услови во замена за глас за уставните измени коишто треба да поминат во парламентот.
Партиите на лидерската средба која што ја иницираше премиерот Димитар Ковачевски, ги ставија на маса своите размислувања и услови во замена за глас за уставните измени коишто треба да поминат во парламентот.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Се што бараат партиите е содржано во преговорите

Што е тоа што не е содржано во преговорите со ЕУ, а кои сега се прикажуваат како реални проблеми на граѓаните кои претходно никогаш не биле  присутни. Дали е тоа сиромаштијата, гладот, нискиот стандард, економската криза, владеење на правото, организираниот криминал и високата корупција, колективните етнички права, незапочнати и недовршени реформи, ветата на соседите и уште стотици услови кои треба да се исполнат во оптимистички период од седум до десет, или песимистички од 15 до 20 години и подолго во најголема зависност од нас самите.

Повеќе од авторот: Кој води антиевропска политика во Македонија?

Тоа значи дека кога се зборува за реалните проблеми, наспроти членството во ЕУ, се тропа на отворена врата бидејќи сите тие и многу повеќе во сите области почнувајќи од натамошната демократизација на македонското општество до образованието, културата, економијата, екологијата и заштитата на човековата средина, земјоделството, изградбата на инфраструктура, независноста на судството и медиумите се апсолутни предуслови во успешноста на преговорите и членство во ЕУ.

Реалното, вистинското болно и тешко прашање се бугарските условувања и можноста за понатамошни блокади. Тоа не се барањата за влез на Бугарите во Уставот, заедно со Хрватите, Црногорците и Евреите. Не се ни македонскиот јазик, националната припадност и сите идентитетски посебности.Таа битка е извојувана, но очигледно се уште е податлива за манипулации и кревање на тензии.

Многу јасно се гледа дека бугарската страна ја напушта доктрината која не проаѓа во Европа. Главен адут станаа правата на Бугарите во Македонија, област во која Македонија е над сите земји и во регионот и многу пошироко во Европа. Достигнувањата на македонското општетство во областа на демократијата во делот на правата на етничките заедници што живеат во Македонија, за жал, останаа недоволно афирмирани во Европа и светот, ниту пак кај нас.

Нивната афирмација станува хендикеп во домашниот политички натпревар. Се уште Охридскиот договор се третира како предавство и капитулација. Успех кој е незамислив кај сите наши соседи, па и во најдемократските европски држави. Тоа не се само условени отстапки на македонската држава и македонскиот народ, или пак извојувани победи, како што обично, за жал и голема штета, се прикажуваат, туку се пред сѐ одраз на македонскиот менталитет и заедничкиот живот и традиции низ повеќе векови. Несогласувањата главно се решавале по мирен пат.

Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумната

Камен на сопнување историското минато 

Останува како вистински реален проблем и камен на сопнување историското минато, „заедничката“ историја и копање по некакви бугарски корени. Претензиите за монопол на историјата се најтешкиот проблем во односите меѓу двете земји. Иако тоа не е предуслов за преговорите со ЕУ сепак многу веројатно може да биде силен мотив на Бугарија за уцени и прикриени вета кои наводно се однесуваат на други области, а во суштина би биле силен притисок за  отстапување од европските стандарди и односи во врска со историјата и учебниците.

Кога меѓу европските земји на испреплетена историја и географија би се применувала таква пракса како тоа што го бара Бугарија од Македонија во најмала рака би се распаднала веднаш и многу веројатно би дошло до војни не само во Украина, туку и меѓу сојузниците членки на НАТО и ЕУ.

Познавачите на историјата на скандинавските држави, на Франција, на Германија, на Италија, на Велика Британија, да не зборуваме за источно европските и балкански држави добро знаат каков хаос би настанал ако се потегнат такви прашања кои одамна се закопани во меѓусебните односи на повисоки интереси.

Она што за нас би било голема мудрост која води кон реализација на стартегиските интереси и европеизација на Македонија е да ги прифатиме советите на европските учени луѓе дека никој не може да прогласи крај на научните истражувања и на творештвото. Не постојат вечни решенија. Македонија многу подобро ќе ги заштити своите посебности како членка на ЕУ, отколку ако остане изолирана. Сега е време да се направи решителен исчекор напред.

Негациите имаат и една добра страна

Негациите на Бугарија покрај сите лоши страни имаат и една добра, а тоа е што тоа кај граѓаните на Македонија предизвика многу поголем интерес за своето минато и ги зајакна националните и идетитетски посебности како никогаш досега. Таа историски погрешна бугарска политика во докажувањето дека Македонците се Бугари предизвикаа поразителни резултати во односите на двата народа. Наместо да се јават како најголеми поддржувачи на Македонија во евроатланските интеграции со вистинско добрососедство, бугарските политичари соочени со внатрешни кризи и битки за превласт, се одлучија и во овој историски миг да ја стават Бугарија на погрешната страна и да го девалвираат и она што е постигнато досега по признавањето на Македонија, но и она што е многу добро во Договорот за добрососедство.

Провокациите со имињата на клубовите што се отвараат во Македонија можеа да се избегнат без никакви проблеми ако имињата на тие клубови беа избрани на историски и културни  личности кои навистина не поврзуваат.

Инаку идните бугарски блокади на Македонија во преговорите со ЕУ би биле многу смешни ако се однесуваат на владеење на правото, организираниот криминал и висока корупција и правата на малцинствата. Кај нив, иако се членка на ЕУ, тие состојби се многу полоши.

Тоа не значи дека не можеме да очекуваме вета од други европски држави за проблемите со криминалот и корупцијата кои кај нас се ендемски. Тие зла, како главни и најзначајни предуслови во преговорите, мораме да ги решиме бидејќи се најтешката работа со која се соочува Македонија низ целиот период на транзиција. За многумина познавачи на нашите состојби тоа е најзначајниот национален и државен интерес без оглед на обврските од преговорите со ЕУ.

И уште едно прашање на кое никогаш не е даден рационален одговор од скептиците за европската иднина на Македонија. Зошто никој релевантен политичар, или политичка партија не  понуди друга алтернатива и не се спротивстави на оваа тридецениска определба од највисок државен интерес. Напротив, нивните политички партии членството во ЕУ го имаат како врвен приоритет во сите свои програмски документи, одлуки на влади, парламентарно усвојување на декларации и резолуции, склучени договори, на исполување на одредени услови и исчекори во остварување на европските интеграции, почнувајќи од првата скала од Договорот за асоцијација и стабилизација, преку кандидатскиот стаус, безвизниот режим, до почеток на преговорите со ЕУ. Сите тие, повеќе или помалку се учесници и дале свој придонес на тој мачен и најтежок пат на една европска држава како што е случајот со Македонија да стане членка на европското семејство.

Натамошните средби на нашите политичари за консензус, непишно правило кое го применија сите кандидадати за членство во ЕУ, не смее да се претвори во разговори од црната кутија на паднатиот авион при слетување. Еве еден од тие разговори: „копилотот  изгледа ја погрешивме пистата…. молк. Пилотот ако нешто ти значи во право си“. Преживеани нема. 

Eрол Ризаов
извор: ДВ

Back to top button
Close