Реакција на мајки на породилно на постојаното доцнење на породилните надоместоци: Породилното не е милостина, туку законско право

Група мајки кои се на породилно отсуство преку отворено писмо реагираат на, како што велат, постојаното доцнење на исплатата на породилните надоместоци и бараат поголема одговорност и навремена исплата од надлежните институции.

Тие посочуваат дека исплатите секој месец доцнат, а датумот на исплата е непредвидлив и постојано се поместува.

„Нема никаква предвидливост, нема информации, ниту одговорност. Кога ќе се обратиме до надлежните, најчесто го добиваме истиот одговор – „следната недела“. Но, таа следна недела никако да дојде“, наведуваат мајките во писмото.


Тие нагласуваат дека додека редовната плата од работодавачите се исплаќа навреме, средствата што им следуваат по основ на породилно отсуство често доцнат со денови, па дури и со недели.

Според нив, ваквата состојба претставува дополнителен товар за семејствата кои веќе се соочуваат со зголемени трошоци за грижа за новороденче.

„Породилното не е подарок, ниту милостина. Тоа е законски загарантирано право кое сме го заработиле и за кое редовно се плаќаат придонеси“, истакнуваат тие.

Мајките бараат од институциите да обезбедат редовна и навремена исплата на надоместоците, како и поголема транспарентност и јасни информации за динамиката на исплатите.

„Бараме почит кон родителите и крај на постојаните одложувања и празни ветувања“, порачуваат во отвореното писмо.

Back to top button
Close