Рекордно топло лето во Велика Британија со голем број пожари, тропски ноќи и суша

Во Велика Британија ова лето беше најтоплото од 1884 година, откако се мери температурата во земјата, соопшти денеска британската метеоролошка служба (Met Office).
Изминатата сезона ја одбележаа исклучителни горештини и суша, додека просечната температура достигна 16,5 степени Целзиусови.
Овогодишното лето го одбележаа пет топлински бранови, со разурнувачки пожари, тропски ноќи и суша, а како што се наведува, горештините беа предизвикани од недостиг на дожд, висок притисок и климатски промени, пренесува Скај њуз.
Во 2026 година, просечната температура во јуни, јули и август, во текот на денот и ноќта, беше највисока досега – и покрај тоа што беше студено во областите на север и и покрај постудениот крај на август.
Метеоролошкиот завод соопшти дека температурата во текот на ноќта и денот изнесувала 16,5 степени Целзиусови, што е над претходниот сезонски максимум од 16,1 степен Целзиусов забележан минатата година.
Температура од 30 степени или повисока била забележана во текот на 40 одделни денови, со што беше соборен претходниот рекорд од 34 дена во 1995 година. Во јуни исто така беше забележана највисока температура досега кога во Лингвуд, Норфолк, беше забележан привремен рекорд од 38 степени, со што беше надминат долгогодишниот претходен рекорд од 1976 година од 35,6 степени. Причина за горештините беа сувото време, долгите периоди на висок притисок и долгорочното влијание на климатските промени, кои ги зголемуваат базните температури.
Шефот на одделот за климатски атрибуции во Метеоролошкиот завод, Марк Меккарти, рече дека во свет врз кој не влијаат човечките емисии, овогодишното лето во Велика Британија би било настан што се случува еднаш во 1.000 години.
– Моментално, поради влијанието на емисиите, Велика Британија може да очекува ваков вид лето приближно еднаш на секои девет години – рече тој.
Британската министерка за климатска транзиција Кати Вајт изјави дека најтоплото лето досега е брутален потсетник дека „не чекаме климатските промени да пристигнат во Британија, туку дека веќе ги живееме“.






