Ристоска: Разочарана сум

Во изјава за „360 степени“, обвинителката Ленче Ристоска не го криеше своето разочарување од одлуката на Советот на јавни обвинители. Посакува барем да имало образложение зошто членовите на Советот гласале така како што гласале.
„Јас сум разочарана од одлуката на Советот. Навистина не знам зошто, и покрај демонстрираниот професионализам и интегритет, работата на случаи како „Таргет-Тврдина“, „Талир 1“ и „Талир 2“ и, паралелно, со тоа работа во „Еуроџаст“, за која сум пофалена од самата институција, јас не заслужувам унапредување. Ќе беше убаво да ги слушневме и причините и размислувањата на членовите на Советот, а не само нивната конечна одлука“, изјави Ленче Ристоска за „360 степени“.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски за денешниот избор вели дека никој од членовите на Советот не кажал дека му е вршено некакво политичко влијание.
„Политички ставови и мислења воопшто не беа апсолвирани, ниту некој од Советот кажал дека му било вршено влијание, евентуално од политички партии. Еве, лично за мене можам да кажам дека никој не ми изврши никакво влијание. Од самиот избор, како што гледате, голем број од членовите им дадоа предност на кандидатите што имаат поголем стаж како јавни обвинители во јавните обвинителства“, изјави Колевски.
На прашање како го коментира тоа што вчера во јавноста излезе информација дека обвинителката Фатиме Фетаи има поддршка од владејачката партија за да биде избрана за виша обвинителка, тој одговори дека Советот нема такви информации. Но, нагласи оти во составот на Советот има и членови кои не се обвинители, а ги делегира Собранието.
„Советот не е запознаен дека ја номинира некоја политичка партија, но имаше усогласување помеѓу членовите околу кандидатите. Пред сè, моја цел како претседател беше да бидат избрани сите кандидати за кои се предвидени места во огласот. Го знаете и принципот на составот на самиот Совет. Четворица членови ги делегира Собранието, шест се од редот на јавните обвинители во јавните обвинителства, а член по функција е државниот јавен обвинител. Така што не е само во рацете на јавните обвинители донесувањето на одлуката, туку по законот се делегираат и луѓе од страна кои не се јавни обвинители и кои полноправно учествуваат во изборот“, рече Колевски






