РКЕ: Грејната сезона почнува на 15 октомври, да се проверат инсталациите и да се подмират сметките

Грејната сезона во Скопје за сите приклучени на мрежата за централно греење ќе почне на 15 октомври 2024 година, со исти услови како и претходно, односно со загарантирана температура од 21 степен Целзиусов и греење во периодот од 6:00 до 22:00 часот.

Како што информира денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ), доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден  е еднаква или помала од 12 степени, тогаш грејната сезона може најрано  да почне од 1 октомври и да заврши најдоцна до 30 април.

РКЕ апелира до станарите, односно заедниците на станари да ги проверат внатрешните инсталации и инсталациите во објектите и да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници. Во исто време РКЕ, како што се наведува, и со официјален писмен допис побара од снабдувачите со топлинска енергија информација за спремност за старт на грејната сезона.

– Согласно последната одлука од 1 август 2024, сметките за топлинска енергија за домаќинствата се пониски за  3,16 отсто, додека  околу 1200 фирми, училиштата и институции  кои се приклучени на централното градско греење ќе имаат пониска цена за 17 отсто, се вели во соопштението.

Back to top button
Close