Русија сака да го собори Зеленски, призна Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека главна цел на Москва е да ја собори владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека Москва продолжува да бомбардира градови низ Украина.

Изјавата на Лавров доаѓа додека Украина се обидува да го продолжи извозот на жито од нејзините црноморски пристаништа со новиот договор со Москва кој беше потпишан по рускиот напад врз Одеса во текот на викендот.

Обраќајќи им се на делегатите на самитот на Арапската лига во Каиро синоќа, Лавров рече дека Москва е решена да им помогне на Украинците „да се ослободат од товарот на апсолутно неприфатливиот режим“.

Лавров го обвини Киев и „неговите западни сојузници“ дека шират пропаганда со цел да се осигура дека Украина „стане вечен непријател на Русија“.

-Рускиот и украинскиот народ ќе продолжат да живеат заедно, ние дефинитивно ќе му помогнеме на украинскиот народ да се ослободи од режимот кој е апсолутно антинароден и антиисториски – рече тој.

Изјавата на Лавров е во целосна спротивност со изјавите на Кремљ на почетокот на војната, кога руските власти постојано нагласуваа дека не сакаат да ја соборат владата на Зеленски.

Лавров рече дека Русија била подготвена да преговара за договор за прекин на непријателствата во март.

Тој додаде дека Западот ја охрабрил Украина да продолжи да се бори.

-Западот инсистира на тоа дека Украина не смее да започне преговори додека Русија не биде поразена на бојното поле – рече Лавров.

Back to top button
Close