Русија воведе доживотен затвор за „велепредавство“

Руските пратеници изгласаа серија измени на Кривичниот законик, со кои се зголемуваат казните наменети за противниците на власта, а еден од нив воведува доживотен затвор за „велепредавство“.

Државната дума, долниот дом на рускиот парламент, гласаше за казнување на оние кои „помагаат во спроведувањето на одлуките на меѓународните организации“ кои Русија не ги признава.

Оние кои ќе ја прекршат одредбата, која се чини дека е насочена кон Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој издаде налог за апсење на Владимир Путин во март, или оние кои им помагаат на „странските владини организации“ ќе се соочат со затворска казна до пет години.

Максималната казна за „велепредавство“ е зголемена од 20 години на доживотен затвор.

Терористичкиот напад сега се казнува со затвор до 20 години, за соучесништво до 12 години и за поддршка на терористички активности до пет години.

Казната за создавање терористичка организација е до 15 години затвор, а за саботажа до 20 години.

Back to top button
Close