САД во ОН го предупредија Израел дека не треба да има принудно раселување или гладување во Газа
САД во Обединетите нации нагласија дека Израел не треба да спроведува „политика на принудно раселување или гладување во Газа“, предупредувајќи дека таквата политика ќе има сериозни последици според американското и меѓународното право.
Забелешките на американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд дојдоа само неколку часа откако Вашингтон соопшти дека Израел прави доволно за да се справи со хуманитарната криза во Газа за да избегне потенцијални ограничувања на американската воена помош.
– Меѓутоа, Израел мора да се погрижи неговите активности да бидат целосно спроведени и дека подобрувањата се одржливи со текот на времето, рече Томас-Гринфилд пред Советот за безбедност на ОН.
Таа, исто така, додаде дека постои итна потреба Израел да го прекине спроведувањето на законот со кој се забранува работата на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА).
Советот се состана по извештајот на светските експерти за гладот, во кој се вели дека постои „голема веројатност дека гладот е неизбежен во областите“ на северот на Газа додека Израел спроведува воена офанзива против палестинската милитантна група Хамас во областа.
– Поголемиот дел од Газа сега е пустош од урнатини, изјави пред Советот за безбедност вршителот на должноста шефица на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, Џојс Мсуја.
– Како што ве информирав, израелските власти го блокираат влезот на хуманитарната помош во северниот дел на Газа, каде борбите продолжуваат и околу 75.000 луѓе се со намалени резерви на вода и храна, рече таа.