Зеленски: Новиот командант на вооружените сили и министерот за одбрана треба да го подобрат системот за мобилизација

Новиот врховен командант на Вооружените сили на Украина (ВСУ) Михајло Драпати и вршителот на должност министер за одбрана Евгениј Хмара ќе имаат задача да ја подобрат работата на службата задолжена за воена евиденција и за мобилизација на населението – изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Драпати и Хмара ќе треба заеднички да работат и на уште една стратешка задача – зајакнување на противвоздушната одбрана на Украина – изјави Зеленски на заедничката прес-конференција со ирскиот премиер Михол Мартин во Киев.
– Без сомнение, и Драпати и Хмара ќе треба да ги исполнат главните задачи што стојат пред нас поради оваа долга и исцрпувачка војна за сите. Тоа се задачите што им ги доделив и на (Михајло) Федоров и на (поранешниот врховен командант на ВСУ, Олександар) Сирски – затоа што тие не можат да бидат поделени така што само еден ќе носи одговорност, а другиот не – изјави Зеленски.
Тој нагласи дека ваков вид соработка претходно не бил воспоставен.
– Прашањата за затворање на небото, Територијалните центри за комплетирање (ТЦК) и создавањето нормален, ако може така да се каже, јавен лик на мобилизацијата – сето тоа мора да се прави заедно, во координација, сè додека војната не заврши – рече украинскиот претседател.
Локалните медиуми претходно објавија дека на Михајло Федоров, чие разрешување од функцијата министер за одбрана минатата недела предизвика протести, му било понудено да стане вицепремиер задолжен за иновации во одбраната.
Зеленски додаде дека на досегашната премиерка Јулија Свириденко ѝ ја понудил функцијата амбасадор на Украина во САД.






