Само договор за примирје и мировни преговори можат да донесат крај на војната во Украина, според Сијарто

Стратегијата на Унгарија во однос на војната во Украина се покажа како правилна, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто. Според него, само примирје и мировни преговори можат да стават крај на конфликтот, пренесе унгарска новинска агенција.

„Повеќе од илјада дена зборуваме за завршување на војната и за примирје и мировни преговори. За жал, стотици илјади веќе загинаа во регионот во последните повеќе од илјада дена, а милиони, дури и десетици милиони беа принудени да ги напуштат своите домови“, рече тој, додавајќи дека уништувањето во Украина е „драматично“.

Според него, „сепак, сето ова може да се запре“ и можело да биде спречено со договор за примирје и мировни преговори според унгарската позиција.

„Мирот е единственото решение. Нема решение за оваа војна на бојното поле. Барем тоа стана јасно“, изјави тој.

Министерот рече дека претстојните божиќни празници „може да станат одлична можност“ за примирје за спасување животи.

„Жалиме што, и покрај напорите на унгарската мировна мисија, Украина и нејзиното раководство ја одбиваат оваа можност за примирје. Фактот што мнозинството земји во Европската унија не можат да ја видат реалноста е едноставно тажен“, додаде Сијарто.

Тој рече дека како што се приближува инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, руската војска исто така постигнува значителен напредок на фронтот. .

Back to top button
Close