Сејдиу за Пресс24: Несреќа e нашата држава да има таков министер за одбрана, бараме Петровска јавно да се извини
Продолжува вербална расправија помеѓу министерката за одбрана Славјанка Петровска и градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу околку надлежностите за споменик кај Карпалак.
Имено, во изјава за Пресс24, градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу рече дека несреќа за нашата држава е да се има министер кој дава скандалозни и навредливи изјави кон општина Желино и нејзините граѓани.
-Навистина не очекував ваква аматерска изјава од еден министер. Со оваа изјава сериозно е нарушен имиџот на целото Министерство за одбрана, бидејќи верувам дека оваа институција има многу добри луѓе кои не го делат истото мислење како министерката.- изјави Сејдиу за Пресс24
Градоначалникот преку својата изјава и се обрати на министерката Петровска и и порача дека општината нема да се обраќа со обвинувачки однос.
-Министерке Петровска, за општина Желина веројатно не знаете повеќе од „Карпалак“. Овде имаме Албанци и Македонци со кои заедно живееме и соработуваме за развојот на местото каде живееме.- рече Сејдиу.
Сејдиу побара Министерката Петровска јавно да им се извини на жителите на општина Желино.
„Од вас како министер за одбрана барам само едно нешто, што поскоро и јавно да им се извините на граѓаните на општина Желина за обвинувањата и навредите искажани од вашата страна. Не е ниту етички ниту институционално еден министер за одбрана на овој начин да го крши кодот за јавна комуникација, да го нарушува имиџот на министерството што го води и да навредува и неосновано обвинува друга институција, која е избрана од нејзините граѓани.“- изјави градоначалникот на општина Желино Сејдиу.