Се очекува продолжување на активностите за отстранување на дивоградбите од брегот на Охридското Езеро

– До средината на идниот месец плажите на брегот на Охридското Езеро плажите на потегот меѓу хотелот „Метропол“ и Пештани треба да бидат целосно ослободени од илегално изградени објекти и уредени до состојба каква што биле пред нивното издавање под концесии пред повеќе од 15 години.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески најави дека активностите на терен ќе почнат после празниците. За таа намена Општина Охрид располага со шест милиони денари средства добиени од централната власт, додека три милиони денари се дополнително обезбедени преку алокација на средства од општинскиот буџет.

Градоначалникот истакна дека сите правни субјекти и лица што имале плажи под концесија и изминатиот период вршеле дејност мора да ги ослободат плажите, најавувајќи крај на практиките да се узурпира јавниот простор со лежалки, самоволна наплата за паркирање возила и слични дејности.

Откако ќе биде заокружен процесот на отстранување на дивоградбите и урбаната опрема од плажите, а крајбрежјето биде вратено во првобитна состојба како пред издавањето на концесија, можеби дел од плажите повторно ќе бидат дадени на стопанисување, но тоа ќе се спроведува по легислатива што произлегува од Планот за управување со Охридскиот регион, како што вели и самиот Георгиески, „никако во обем како што тоа беше досега“.

Back to top button
Close