„Седумте дена“ во руско-македонските односи
Според безбедносни извори протераниот руски дипломат бил од повисок ранг, а во руската амбасада во Скопје дошол по службата во руската амбасада во Белград.
Веста дека Северна Македонија прогласила руски дипломат за персона нон грата го обиколи регионот. Наведувајќи дека „Македонија е во добри односи со Русија“, дел од регионалните медиуми нотираат дека „не се наведени причините за протерувањето на рускиот дипломат“, кој доби рок од седум дена да ја напушти земјата.
Ова е втор руски дипломат прогласен за персона нон грата во последните четири години. Освен изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека „не станува збор за импровизација, туку за случај документиран од надлежните институции“, нема објаснување кои биле конкретните активности на дипломатот за кои е утврдено дека се спротивни на Виенската конвенција.
Заради сензитивноста на случајот, воздржани се и релевантните безбедносни институции. Она што може неофицијално да се дознае од безбедносни извори, е дека се работи за дипломат од повисок ранг, кој на служба во руската амбасада во Скопје дошол по служба во руската амбасада во Белград.
Долга низа
Руската амбасада вчера потврди дека нејзин вработен бил прогласен за персона нон грата и дека Русија разгледува реципрочни мерки кои ќе следат по овој потег. „Риа Новости“, која ја објави веста за протерувањето на руски дипломат од Северна Македонија повикувајќи се на „Блумберг“, подготви и обемна хронологија за протерувањето на руски дипломати од 2018 до 2021 година.
Само од почетокот на годинава долг е списокот на земји кои протерале дипломати на Руската Федерација заради активности спротивни на Виенската конвенција: Албанија, Шведска, Италија, САД, Полска, Украина и Словачка. На 22-ри април Чешка протера 18 руски дипломати по сознанија дека руската тајна служба била одговорна за двете големи експлозии во магацин со оружје во јужна Чешка, кои се случија во 2014 година и во кои загинаа две лица.
Следниот ден руски дипломати беа протерани од Летонија, Литванија и Естонија, неколку дена подоцна и од Романија, како и повторно од Украина. Претпоследна во низата до крајот на април беше Бугарија, која прогласи за персона нон грата руски дипломат и побара помош од Москва за расветлувањето на случаите со експлозиите во магацините за муниција во Бугарија. Источата сосетка протера руски дипломати во два наврата и во текот на минатата година.
Солидарност, но со домашна причина
Годинава последна во таа низа е Северна Македонија. Претходниот случај на протерување руски дипломат од Скопје датира од крајот на март 2018 година. Тогаш беше соопштено дека македонското МНР во тесна консултација со сојузниците и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучило да протера еден дипломат на Руската Федерација заради случајот Скрипал, во согласност со членот 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година. Во соопштението беше потенцирано дека „користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“.
„Исклучително непријателски и со ништо неоправдан чекор кој што е без преседан во руско-македонските односи. Одговорноста за последиците лежи целосно на македонската страна“, реагираше тогаш Руската амбасада во Скопје на Твитер.
Истиот ден македонските власти објаснија дека не станува збор за само за солидарност, туку и за „заштита на безбедносните интереси на Македонија“. Тогашниот министер за надворешни работи, изјави дека „рускиот дипломат излегол од неговиот мандат“.
Според безбедносни извори, станувало збор за лице кое подолго време било присутно во Македонија и спроведувало разузнавачки дејства насочени кон витални државни институции најмалку во период од една година, и негов обид да организира информациска мрежа.
Таа одлука за протерување на руски дипломат се случи само една недела по средбата на тогашниот руски заменик министер за за надворешни работи, Александар Грушко, со македонскиот амбасадор во Русија, Гоце Карајанов, по која руското МНР излезе со предупредувачки став во однос на македонската евроатлантска аспирација.
„Руската страна наведе дека плановите да се внесе Република Македонија во НАТО би можеле да имаат негативни последици за регионалната безбедност и за билатералните односи“, соопшти тогаш руското МНР.
Годинава, последен случај кога Москва критички се осврна на потезите на Скопје, беше информацијата дека Северна Македонија е дел од земјите кои се придружиле на пакетот санкции на ЕУ кон Русија поради апсењето на рускиот опозиционер, Алексеј Навални. Тогаш медиумите пренесоа изјава на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, која осврнувајќи се на ваквиот потег на Подгорица и Скопје, изјавила дека двете земји во корист на „сојузништво“ со трети земји механички поддржуваат одлуки во чие носење не ни учествувале, со што само ја поткопуваат довербата и не го стимулираат развојот на билатералните односи со Русија.
извор: ДВ