Сенатот бара да се ограничи пристапот до податоците на американската Влада
Претседателот на Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат, Марк Ворнер, рече дека премногу луѓе имаат пристап до најтајните информации на американската Влада и оти тие треба да се преиспитаат.
Изјавата доаѓа по големото протекување на податоци на Пентагон, за кое е обвинет гардистот на воздухопловните сили Џек Тешеира кој ги украл податоците и ги споделил на социјалните мрежи.
Тоа се смета за најголемо протекување на податоци во САД откако повеќе од 700.000 документи, видеа и дипломатски телеграми беа објавени на веб-страницата Викиликс во 2010 година.
Демократот Ворнер, за Еј-Би-Си изјави дека повеќе од четири милиони луѓе можеби имаат пристап до доверливи податоци на американската Влада.
Силната позиција на сенаторот од Вирџинија има одредена тежина во време кога администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го испитува управувањето со разузнавањето и бара начини да спречи идни протекувања.
САД имаат бројни разузнавачки агенции кои споделуваат информации, а Ворнер рече дека ситуацијата бара тоа да се реши.
– Потребен ни е некој кој ќе биде одговорен за доверливоста на податоците и верувам дека тајните документи мора да бидат достапни за помалку луѓе, рече Ворнер.