Шолц: Нема да се носи одлука за крај на војната без Украина
Германскиот канцелар Олаф Шолц, критикуван за неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, денеска ја потврди поддршката на Германија за Украина и даде уверување дека нема да се донесе одлука за исходот од војната во Украина без Киев.
– Украина може да смета на нас, тоа е принципот кој преовладува, и нема да се носи никаква одлука без Украина, рече Шолц на аеродромот во Берлин пред да замине на Самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро, пренесува Бета.
Пред два дена Шолц телефонски разговараше со Путин за војната во Украина, првпат во последните две години, соопшти германската влада.
Владиниот портпарол Штефен Хебстрајт рече дека во разговорот Шолц ја осудил „руската агресивна војна против Киев“ и го повикал Путин да ја прекине со повлекување на трупите кои извршија инвазија на Украина во февруари 2022 година.