Шпионски скандал во германската влада


Двајца високи функционери во германското Министерство за економија кои се вклучени во снабдувањето со енергија, поради наводно шпионирање во корист на Русија се наоѓаат под истрага на Федералната агенција за заштита на уставот (БФВ), разузнавачка служба на Германија.

Доколку се потврди, случајот би претставувал големо нарушување на безбедноста во доста чувствителен момент за Германија и за Европа.Министерството е под раководство на Роберт Хабек, кој е и заменик на канцеларот Олаф Шолц и ја има клучната улога во подготовката на Германија да се справи со енергетската криза откако Москва ги намали испораките на гас пред „Северен ток1“ како одговор на воведените санкции поради руската воена инвазија врз Украина.

Претходно оваа година, советниците на Хабек се обратија до БФВ за помош во врска со „недоследностите во документите за Северен ток 2 и нивото на полнење на резервоарите за гас, како и во извештајот за безбедноста на снабдувањето со енергенси на Германија. Федералната агенција за заштита на уставот во истрага на осомничените, нивното потекло и историјата на патување откри „биографски аномалии, во еден случај на студиска посета на Русија“. Деталната истрага откри и „емоционална блискост со Русија“ кај осомничените.

Истрагата на Федералната агенција за заштита на уставот и откривањето на потенцијални руски шпиони во германската влада доаѓа во време на затегнати односи со Москва поради руската инвазија на Украина и обидите на Берлин за намалување на зависноста од руски гас. Токму министерот за економија Роберт Хабек е еден од најголемите поборници за прекин на увозот на руски гас и негова замена со гас од Катар, Норвешка и Канада.

Back to top button
Close