Што имаат заедничко Трамп и Силјановскa

Пред да понудиме некои одговори на прашањето од насловот на овој текст би требало да поставиме и едно прашање за загадочниот развој: Зошто ВМРО-ДПМНЕ се одлучи нивниот кандидат Гордана Силјановска-Давкова да биде пријавена во ДИК со потписи на пратеници, а не со оние 28 илјади потписи на граѓаните? И прашањето е загадочно, а одговорот на ВМРО-ДПМНЕ дека „поднесувањето на кандидатурата е технички процес“ исплакнато прозаичен. Два дена ечеа пропагандните труби дека Силјановска-Давкова собрала рекорден број потписи само во неделата по конвенцијата, за сето тоа подоцна да се сведе на „технички процес“.

Во штабот на партијата знаат зошто го направиле тоа и зошто ги кренаа од дома илјадниците поддржувачи да чекаат во неделата да го дадат својот потпис. Би требало да знаат и дека одлуката да се оди со пратенички потписи ќе ѝ наштети на јавната перцепција, дека ќе ги крене веѓите кај многумина кои се обидуваат да најдат одговор на ваквата постапка, а од голем дел ќе бидат изложени на потсмев по социјалните медиуми.

Со овој чекор тие ѝ го намалија просторот на Силјановска-Давкова да се претставува во кампањата како граѓански кандидат поддржан од партијата, што несоменено ќе ѝ го стесни хоризонтот на обраќањето кон гласачите на изборите. Еден од можните одговори е дека ВМРО-ДПМНЕ сака Силјановска-Давкова да ја држи стриктно до партиската агенда при евентуална победа. Да не ѝ се случуваат „граѓански излети“ и „талкање“ надвор од партискиот шатор, кои потоа може да донесат неочекувани неволји.

А сега да видиме што имаат заедничко поранешниот американски претседател Доналд Трамп и Гордана Силјановска-Давкова, кои идеолошки не седат на иста клупа, а сепак делат одредени ставови.

На 2 март на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на претседателски кандидат меѓу другите како гостин беше и Јане Ченто, осуден на 13 години затвор за учеството во упадот во Собранието на 27 април 2017. Тој веројатно користел слободен викенд по одредено време поминато во затвор.

Силјановска-Давкова мислеше дека има посебна потреба да го спомене Јане Ченто во говорот, па дури и дека ја имал истата судбина како првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто. И дека имала посебна обврска кон него.

„Помилувањето е квази судска функција, ама имам посебна обврска, на секое одење низ Македонија деновиве, сликата и пораката на Јане Ченто ми е пред очи: ‘До кога луѓе?’. Каква судбина, судбината на дедото, како е можно тоа да се случува? Претседателите имаат можност низ таа квази судска функција да се водат од правдата, правичноста, моралот“, рече Силјановска-Давкова.

„Неверојатни патриоти“

На 14 април во емисијата „Вин-вин“ на Телма Гордана Силјановска-Давкова рече дека ако победи на претседателските избори ќе ги помилува осудените за 27 април, затоа што кавалификацијата на делото при судењето („терористичко загрозување“) не одговарало на степенот на насилството и дека оваа квалификација била одредена од новинар.

„Тоа се случи за оние кои не сакаа амнестија, сакаат да ја докажат правдата. Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сѐ уште се во затвор – да, ќе ги помилувам“, рече Силјановска-Давкова, поставувајќи еден од лостовите за нејзината кампања.

Две недели по конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и два дена по најавата за помилување на Силјановска-Давкова, Доналд Трамп беше на митинг во Охајо. Еве како американските мејнстрим медиуми ги пренесоа настаните од тој митинг.

Доналд Трамп ја започна својата изборна кампања не само со преправање на историјата за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, туку и ја позиционира насилната опсада и неуспешниот план да бидат поништени изборите во 2020 година како камен-темелник на неговиот обид да се врати во Белата Куќа.

На митингот во Охајо Трамп застана на сцената, со крената рака во знак на поздрав до работ на неговата црвена капа МАГА, додека снимен хор од затвореници кои се наоѓаат во затвор за нивните улоги во нападот на 6 јануари ја пееше националната химна.

Водителот ги замоли присутните да станат „за ужасното и неправедното третирани заложници од 6 јануари“. И луѓето го направија тоа, и пееја заедно.

„Тие беа неверојатни патриоти“, рече Трамп кога заврши снимката.

Откако претходно вети дека ќе ги помилува бунтовниците, тој вети дека ќе им помогне „првиот ден кога ќе стапиме на функцијата“.

Поранешниот американски претседател и актуелен претседателски кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп (архивска фотографија)
Поранешниот американски претседател и актуелен претседателски кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп (архивска фотографија)Фотографија: AP/picture alliance

Првично спуштена во маргиналната теорија на рабовите на Републиканската партија, ревизионистичката историја на 6 јануари, која Трамп ја засили за време на првите денови од предизборната кампања на републиканците за да ги разбуди своите најпосветени гласачи.

Искажувајќи пофалби за бунтовниците, Трамп ја префрла вината за сопствената улога во пресрет на опсадата на бесната група од илјадници луѓе и бара од гласачите да ги аболицираат стотиците од нив – и него самиот – за најсмртоносниот напад врз седиштето на американската моќ во последните 200 години. Пет лица загинаа во немирите и неговите последици.

Во исто време, сојузниците на Трамп во негирање на изборите во 2020 година се инсталираат во Републиканскиот национален комитет, дополнително институционализирајќи ги лагите што го поттикнаа насилството.

Земени заедно, предупредуваат оние кои ги проучуваат авторитарните режими ова е класичен случај на она што се нарекува консолидација – каде државниот апарат се трансформира околу една единствена фигура, во овој случај Трамп.

Џејсон Стенли, професор по филозофија на Јеил, рече дека во историјата прашањето се поставува одново и одново: Како можеше луѓето да не му веруваат на авторитарниот лидер на зборот за тоа што ќе се случи?

„Слушајте го Трамп. Кога ќе се случи државен удар против демократскиот режим и тој не е казнет, тоа е многу силен показател за крајот на владеењето на правото и победата на тоа авторитарно движење. На Американците им е тешко да разберат дека она што се случува во поголемиот дел од светот може да се случи и овде“, рече тој.

Трамп се соочува со федерално обвинение за четири точки за 6 јануари – обвиненија дека заговарал да ги измами Американците за неговиот изборен пораз во 2020 година и ја попречил официјалната постапка во Конгресот за потврдување на изборот на Џо Бајден.

Националната прес-секретарка на Трамп, Каролин Левит, рече дека Министерството за правда потрошило повеќе време на кривично гонење на поранешниот претседател и „таргетирајќи Американци за мирните протести на 6 јануари“, отколку за другите криминалци. „Претседателот Трамп ќе ја врати правдата за сите Американци кои беа неправедно третирани“, рече таа.

За настаните од 27 април во Македонија 16 лица беа правосилно осудени на затворски казни од 7 до 16 години. Врховниот суд ја потврди пресудата за 27 април лани во мај.

Највисока казна има тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков – 16 години затвор, а осудени се и други вработени во МВР, лица од патриотските здруженија кои беа дел од тогашните протести пред Собранието, како и дел од лицата кои упаднаа во законодавниот дом.  Митко Пешов, Душко Лазаров и Мунир Пепиќ беа осудени на 13 години, двајца други на 14 години, Игор Југ на 11 години затвор…

Амнестирани беа водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда.

Што велат бројките?

Какви се бројките за оние кои упаднаа во Капитолот на 6 јануари, против колку од нив има обвиненија и колкумина се осудени?

Повеќе од 1.230 луѓе се обвинети за федерални злосторства во немирите на 6 јануари, кои се движат од прекршочни дела до кривични дела како напад на полицајци и бунт за заговор. Околу 730 луѓе се изјаснија за виновни по обвиненијата. Само двајца обвинети се ослободени од сите обвиненија, а тоа беа судења за кои одлучуваше судија, а не порота.

Околу 750 луѓе се осудени, а речиси две третини добија одредено време зад решетки. Затворските казни се движеа од неколку дена до 22 години затвор.

Најстрогата казна досега изречена како дел од истрагата на Министерството за правда беше за водачот на крајнодесничарските „Горди момчиња“, Енрике Тарио, кој беше осуден на 22 години затвор во септември минатата година, откако беше прогласен за виновен по обвиненијата за бунтовнички заговор и други кривични дела, иако самиот не беше дел од луѓето пред Капитолот. Основачот на антивладината екстремистичка група „Чувари на заклетвата“, Стјуарт Роудс, во мај минатата година беше осуден на 18 години затвор.

Многу бунтовници веќе се надвор од затвор по завршувањето на казната, вклучително и некои обвинети кои се вклучија во насилство. Бранителите и обвинителите внимателно го следат случајот што наскоро ќе го сослуша Врховниот суд на САД, а кој би можел да влијае на стотици обвинети за 6 јануари. Повеќе од 300 обвинети од 6 јануари се обвинети за прекршокот за опструкција, а исто така и Трамп во федералниот случај што го покрена специјалниот советник Џек Смит.

Неколку обвинети побегнаа откако беа обвинети, вклучително и член на „Гордите момчиња“ од Флорида, кој исчезна додека беше во домашен притвор, откако беше осуден за употреба на гел со бибер спреј врз полицајците. Кристофер Ворел пред десетина дена беше осуден на 10 години затвор.

ФБИ сè уште трага по некои обвинети кои се во бегство со месеци, вклучително и еден пар брат и сестра од Флорида. Друг обвинет, Еван Нојман, побегна од САД два месеци по неговото обвинение во декември 2021 година и се верува дека живее во Белорусија.

Една од најголемите преостанати мистерии околу немирите е идентитетот на лицето кое постави две цевни бомби пред канцелариите на националните комитети на Републиканската и Демократската партија во Вашингтон, еден ден пред нападот во Капитол. Минатата година, властите ја зголемија наградата до 500.000 долари за информации што ќе доведат до апсење на лицето. Останува нејасно дали има поврзаност меѓу тие бомби и бунтот.

Додека 467 лица се осудени на периоди на затворање, стотици други се осудени за полесни прекршоци на периоди домашен притвор или пробација.

Нападот на 6 јануари предизвика штети од милиони долари на зградата на Капитол и неговата територија. Последниот извештај од октомври 2022 година ги процени загубите на повеќе од 2,8 милиони долари.

Истрагата за 6 јануари е далеку од завршена, бидејќи официјалните лица сè уште продолжуваат да пронајдат повеќе од 80 демонстранти осомничени за напади врз органите на редот за време на немирите. ФБИ објави видеа во кои бара совети од јавноста за идентитетите на различни осомничени.

Застареноста на многу од обвиненијата поставени од обвинителите ќе истече на 5 јануари 2026 година – во пресрет на петгодишнината од немирите.

Тоа е во Америка. Трамп и неговите поддржувачи тврдат дека напаѓачите биле патриоти (исто како и вмровската реторика за оние кои упаднаа во Собранието), ФБИ и обвинителите поминуваат илјадници и илјадници часови да ги идентификуваат оние што со ужасна сила влегоа во Конгресот, ја запоседнаа салата на Сенатот, се шетаа по канцелариите на конгресмените и сенаторите. Правдата мора да биде задоволена за ужасниот напад на американската демократија. Во јавниот вокабулар го нема зборот помирување, туку најавата на Трамп за „помилување на патриотите“ кои тој ги поттикна да го направат бунтот.

Назад во Македонија на поранешните функционери Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски добија затворски казни од вкупно 25 години како организатори на упадот на 27 април. Лани во април Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда и го врати процесот на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје. Од Скопска апелација велат дека Основниот кривичен суд требало во поголема мера да го разгледа прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење. Оттогаш Трајко Вељаноски пишува дописи до медиумите или се појавува во емисии во кои дава толкувања за тоа како треба да работи Собранието или како ќе се движат политичките процеси. (Dw)

Љупчо Поповски

Back to top button
Close