Што ли ќе ги советува „келнерот“ во Будимпешта?!

Го читам вчерашното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ за посетата на тандемот Мицкоски-Николовски на Будимпешта и не знам дали да се смеам или… да се паднам од смеење. Како што беше објавено, двајцава фатија пат за Унгарија и Словенија за таму да „лобираат“ за европската интеграција на земјава во ЕУ. Како изгледа залагањето за сопствената татковина, според сфаќањата на парот лидери на опозицијата?
Мицкоски и Николовски во Будимпешта, говорејќи „за актуелните предизвици на државата на патот кон ЕУ“, всушност, се натпреварувале кој ќе каже нешто полошо за Македонија: реферирале дека „граѓаните на Македонија премногу долго чекаат на забележителен напредок на патот кон ЕУ, а сето тоа покрај евидентираниот недостаток на реформи, лош стандард и недостаток на правда“, за „катастрофата што се случува во економијата“, за „исклучително високиот степен на корупција која поминува неказнето“, па „биле истакнати злоупотребите кои се правеле од власта во повеќе сфери“, дека „сите конструктивни предлози на ВМРО ДПМНЕ врзани за пописот беа одбиени и нема таков случај во Европа каде влада без консензус со опозицијата турка попис што е јасен показател дека власта нема чесни намери“ итн.
На тоа, нивните пријатели од партијата Фидес се обврзале верно да ги пренесат сите нивни антимакедонски кукумјавки во Брисел, за да се забрза процесот на евро-интеграција на Македонија во ЕУ во наредните 50 години, а земале и обврска да му пренесат на Орбан дека мора да се засили медиумската антивладина пропаганда што тие ја финансираат во Македонија, за Мицкоски што побрзо да дојде на власт во земјава.
Потоа сите ги дигнале чашите пенливо вино да наздрават за успешниот настап на оваа „предгрупа“ во очи на главната свирка на концертот…
Бидејќи, има еден занимлив детал од оваа траги-комична посета што, до сега, гледам, никој не го коментира. Имено, на официјалната фотографија од средбата се гледаат поднасмеани, застанати на дистанца, нашиве двајца опозициски великодостојници и нивните двајца домаќини, но во десниот агол се гледа и уште еден пар чевли и половина од главата на некоја личност со маска на лицето, како држи послужавник… Мене ова неидентификувано, маскирано лице ми личи на Груевски. Добро, малку е повисок и поќелав од она што го памтиме за Грујо, ама па одамна не сме го виделе, можеби човекот се извишил и подостарел во меѓувреме?!
Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.






