Што се чека?

Дали чекањето да поминат оние фамозни 100 дена нешто ќе смени во нашата перцепција за генералните насоки по коишто (ќе) се движи културата во наредниот период? Нема. Се кажа што се кажа, се укажа на „приоритетите“, се заврши најважната споредна работа – Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес, преостанува најважната (политичка, или политикантска, како сакате) главна работа: поделбата на парите! Ама на тоа ќе се чека до февруари, па следствено зимскиот сон во културата може да почне? Но, се заборави на главната работа – онаа проклета реформа во културата којашто им виси на вратот на сите министри од 2017та наваму. Некој циник можеби ќе забележи дека ако вака ги „цедиме“ низ сито реформите, по една годишно, тие ќе ни потрајат подолго од сезонска зимница, некаде до 2030 година, можеби и подолго! Па добро, тоа некој може да го нарече – долгорочно планирање!? Можеби, ама тоа ќе биде спрдачење со здравата памет.

Сакам да кажам: оваа власт, и оваа (малку видоизменета) Влада, од самиот почеток (уште во 2017), покрај реформскиот курс, се залага и за целосна транспарентност и отчетност. Оттука, ако во најавата за идните насоки во културата кажете дека „клучниот документ што ја дефинира нашата мисија во културата е Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018-2022 година,“ тогаш, реално е да се очекува таа да биде не само грубата туку и онаа пофина, „понежна“ рамка во којашто ќе се движат генералните чекори во културата. Ама, ако тоа го кажете и едновремено го мислите, тогаш кажаното станува безмалу двојно обврзувачко. Зошто го велам ова? Затоа што и претходните министри, не само во културата, ги слушавме како тропаат се’ и сешто, се колнеа во ова и она, ама веднаш беше јасно дека, прво, не знаат што говорат, и второ, не веруваат во тоа што го говорат. Сега би требало да имаме поинаква ситуација, нели?! Но, реформите во културата, како впрочем и во сите други области, не се монета за поткусурување, не се мижитатара па сега ќе бараме/гатаме кој што треба да прави, и како, и каде се сокрил. Ако пак се повикуваме на онаа Стратегија, тогаш таа вели дека тоа Министерство – такво какво што е’ – не само што е неспособно за реформи во неговиот најголем дел туку е и нивна главна кочница, тогаш – што? А во таа насока тогаш која е логиката и на укинувањето на едно експертско тело викано Координативно тело за спроведување на реформите во културата? Или, ако во спомнуваната Стратегија се вели дека ќе се спроведат анализи за обемот на штетата што режимот ги остави од физички и финансиски аспект со „проектот“ СК 2014 и тие анализи се направени, што тогаш се чека? Односно, ако се вели дека низ демократска и правна процедура ќе се отстрануваат сите штетни последици од неодговорното владеење на груевизмот, особено во сферата на идеолошките конструкти, произволните игри со идентитетот и историјата и другите симболски фантазми што доведоа до конфликти и поделби во народното ткиво, ги загрозија демократските темели на земјата, внесоа тензија во меѓународните односи и го нарушија угледот на земјата, тогаш, повторно – што се чека? Ако одамна е констатирано дека постои отсуство на иницијативи за суштинска реформа на културниот сектор, особено од аспект на: децентрализацијата, приватизацијата, воведувањето на пазарни механизми во процесите на создавање и дистрибуција на културните продукти, алтернативни форми и извори на финансирање, реформа на системот на државно финансирање, развој на статистика и индикатори, креирање на механизми за активно вклучување на независниот сектор во процесите на одлучување, поттикнување на културните и креативните индустрии итн., тогаш – што се чека? Првиот снег да покрие брег, или дури пролетта, кокичињата… ?

Губењето време и грешките во чекори само ги охрабруваат регресивните сили во културата, противниците на реформите, аспирантите за статус квото во коешто неспособните и понатаму ќе дивеат, ќе си допишуваат биографии, ќе се маскираат и преоблекуваат, ќе се самопрогласуваат за некакви критичари или откривачи на „нови бранови“, дури и експерти (да те бог сачува!), ќе ни поттураат под нос некакви нивни „заслуги“ кои не се ништо повеќе од провинциски игранки со ним сличните (во оној добро простудиран протугеровски подметнувачки манир), ќе си го штитат овој партиски жабурник заедно со полуписмените им етно-директори со битпазарски идеи за „зрели“ уметници…? Ќе го шириме ли до бескрај царствово на медиокритетите, абонентите и кочничарите во теретните композиции со уплав од high-speed возовите на професионализмот, стручноста, моралот…? Зарем партиските викачи и подлизурковци се навистина дел и од оваа „нова етапа“ на реформите во културата? Или, ако заштитата на културното наследство ни е навистина приоритет, со кои и какви институции и експерти ќе ја „сервисираме“? Со петте де јуре и де факто нелегални/непостоечки институции за заштита коишто всушност ги покриваат најсензитивните за културното наследство региони во земјава? И до кога ќе се правиме на триипол по тоа но и по многу други суштински прашања? Странски експерти тоа нема да ни го решат. Или ако со години домашните експерти пишуваат за неспособната Управа за заштита на културното наследство и нејзината системски лоша поставеност, тогаш – што со неа? Ако сето остане по старо – тогаш кој е тој фактор што ќе иницира промени во заштитата? Министерството? Тимот на министерката? Јавноста мора да знае на што се темелат ориентирите за некој, некаков нов курс во културата, за некаква нова политика во заштитата, на кои луѓе – стручни, се разбира – на каква (ре)организација, на каков систем? Ако пак со културата почнала да се занимава и Државната комисија за спречување на корупцијата, нели е тоа сериозен сигнал дека многу нешта се навистина трули во македонската култура? И зарем повторно ќе гледаме реактивирани поддржувачки машинерии составени од генерално неуки и неспособни за ништо друго луѓе?

Оттука, многу прашања и дилеми ама сите без одговор. Што се чека, по ѓаволите, ќе одговори ли некој? Годо, да ги убие Владимир и Естрагон?!?

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close