Што треба да следи……
Длабоко сум убеден дека го узурпирам вашето внимание со моите колумни, во кои што централно место зазема стечајот на Еуростандард банка. Појасно е и од најјасниот ден дека Еуростандард банка е случај за кој секојдневно се откриваат нови димензии и хоризонти во реалната слика, преку што станува повеќе од јасно зошто оваа банка стана жртва на одредени структури во земјава за која експлицитниот и бесрамен криминал е повеќе од својствен и очигледен.
Ќе почнам со повторна прозивка на актуелниот Министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски да одговори јасно зошто со уредба на Техничката Влада, со сила на закон, објавена во Службен Весник од 24 март 2020 година се дава три месечен тајм-аут за сите правни субјекти дека нема да се покрене стечај после завршувањето на вонредната состојба. Со исто таква уредба со сила на закон, објавена на 29 мај 2020 година, во Службен весник на Република Македонија, првобитната уредба се суспендира. Со прости зборови се укинува, и дава зелено светло да може да се покрене стечај веднаш по завршувањето на вонредната состојба. Единствен правен субјект кој отиде во стечај, после укинувањето на вонредната состојба е ЕУРОСТАНДАРД БАНКА.
Господине Министре Спасовски, респект за откривањето на криминалот со возачките дозволи. Тој чин го оправдувам. Во случајот со Еуростандард банка се работи за многу посериозен криминал, а вие и натаму молчите. ЗОШТО?
Почитувани, во повеќе десетици случаеви, ми се јавуваат бивши коминтенти на Еуростандард банка со цел да си ги исполнат своите обврски на време. Се жалат дека немаат комуникација со стечајниот тим и доколку се воспостави некаква комуникација добиваат одговор цитирам „ќе ви кажеме кога да уплатите“. Информиран сум дека поводот за ваквиот став на стечајниот управник е расипаниот софтвер, со прости зборови немаат влез во датата на податоци на клиентите во бившата Еуростандард банка.
Почитувани, софтверот во Еуростандард банка беше еден од најсовремените и функционален цели две децении. Доколку настанат одредени пречки, тие многу брзо се корегираат, значи не ќе да е до софтверот, туку е до нивната не баш чиста агенда и цел.
Информациите со кои располагам е дека стечајната маса на стредства во првите 4 месеци после стечајот е енормно зголемена, во која маса се наплатени и таканаречени отпишани побарувања од физички лица.
Од друга страна правниот субјект „Еуростандард банка во стечај”, има отворено сметка во Комерцијална банка за прибирање на сите средства кои припаѓаат на веќе непостоечката банка.
Декларативноста на стечајниот управник со цел да ги упати должниците на Еуростандард банка каде треба да ги уплатуваат доспеаните средства е длабоко забетонирана. Многумина од должниците не знаат дека постои сметка каде треба да се уплатуваат средствата. Прашувам ЗОШТО? Почитувани пријатели, одговорот е помалку или повеќе познат, а во натамошниот текст таксативно ќе ги набројам нештата кои укажуваат на матно сценарио за носење на банката во стечај.
1.Најпрво, Народна банка ги прескокна процедурите за носење на банката во стечај кои ѝ беа на располагање.
- Вонредната состојба предизвикана од вирусот Ковид-19 важеше за сите субјекти во Република Македонија, единствено не важеше за Еуростандард банка.
- Единствена банка во Македонија со која Еуростандард банка многу длабоко соработуваше, во времето на менаџментот предводен од Николче Петкоски, беше Комерцијална банка. Таа соработка без знаење на акционерите и Надзорниот одбор ја донесе Еуростандард банка да биде перцепирана во банкарскиот свет како филијала на Комерцијална банка. Во моменти на супервизија, лошите пласмани биле префрлувани едни на други, повторувам без знаење на нас акционерите и Надзорниот одбор , со цел да се покрие вистинската слика за лошите пласмани во двете банки. Прототип, фирма која што е во многу лоша категоризација и Еуростандард банка никогаш не соработувала, ни остана во Еуростандард банка како „подарок“ од Комерцијална банка за цели 2,5 милиони евра.
- Го сменивме стариот менаџмент и донесовме нов и се прекина таа „соработка“ со Комерцијална банка. Престанавме да бидеме филијала на Комерцијална банка и најверојатно се случи тоа што требаше да се случи, банката да се носи по секоја цена во стечај и тоа час поскоро.
- Стечајот, Народна банка го објавува после предвремените парламентарни избори при неконституирани Парламент и Влада на Република Македонија. ЗОШТО толку брзање?
- На крајот хипотетички можам да го заклучам следново: средства за оштетените физички и правни лица во стечајната маса има доволно за покривање на сите обврски, ама срамот е голем! Што бара Народна банка во Одборот на доверители? Што бара отворената сметка за „Еуростандард банка во стечај“ да биде во Комерцијална банка? Како е можно софтверот да биде расипан или некој се обидувал да уништува податоци внатре? Како е можно коминтентите на бившата Еуростандард банка да не бидат известени дека постои посебно конто каде што можат да ги подмируваат своите обврски?
Почитувани, има уште илјада прашања од типот ЗОШТО. Заклучокот несомнено води дека нарачателите на стечајот на Еуростандард банка го контролираат севкупниот процес во собирањето на средствата со кои треба да се обештетат коминтентите на банкатата и во краен случај и ние како акционери.
Ги повикувам институциите на системот кои се занимаваат со гонење на организиран криминал да не бидат соучесници во овој злостор.
Ми го замрзнавте имотот со цел финансиски да ме урнисате. Делумно успеавте во тоа, ама не успеавте да ми го скршите духот на непокор и не успеавте да го поколебата човекот кој не поднесува неправда.
Почитувани пријатели, повеќе од очигледно е дека актуелната власт нема намера да се зафати со решавањето на овој криминоген случај. Собранието на РМ, посебно Комисијата за финансирање и буџет молчат. Кој би бил мојот избор: или случајот да го решам во Македонија или ќе морам да го изберам најдолгиот пат, барајќи ја правдата надвор која е долга, скапа и не само мене, ќе ја чини цела Македонија не од аспект само финансиски, туку уште побитно, репутацијата и угледот на државата ќе се сведе на понижувачко ниво. Впрочем, 111 место во листата на најкорумпирани општества во светот од вкупно 180 држави говори за себе дека со случајот стечајот на Еуростандард банка овој слободен пад на оваа листа ќе биде уште поизразен, бидејќи немаме намера да му застанеме на патот на општественото зло наречено корупција и криминал.
Од мене толку овој пат пријатели. Ве молам не гледајте сеир и вам и мене ни се удира од глава.
Трифун Костовски