Сијарто: Унгарија како претседавач со ЕУ ќе се обиде да започне конкретни преговори со новата, силно проинтеграциска влада на Северна Македонија


За време на претседавањето со Европската Унија, кое започнува на 1 јули, Унгарија ќе отвори нови поглавја во пристапните преговори со Србија и ќе одржи меѓувладини преговори со сите пет кандидати за членство од Западен Балкан, изјави денеска во Париз шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.

Зборувајќи на конференцијата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Сијарто рече дека Унгарија, за да го забрза проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, планира и затворање на најмалку седум поглавја од преговорите со Црна Гора.

Тој, исто така, рече дека Унгарија планира да ги отвори првите поглавја со Албанија и да ја усвои преговарачката рамка со БиХ, што е прв чекор кон отворање на преговорите.

„Унгарија ќе се обиде да започне конкретни преговори со новата, силно проинтеграциска ориентирана влада на Северна Македонија“,
рече тој.

Интеграцијата на овие земји во ЕУ е економски, како и политички и безбедносен интерес на Унгарија, додаде Сијарто.

Како што посочи шефот на унгарската дипломатија, унгарските инвестиции во регионот достигнале 2,5 милијарди евра, а трговијата се зголемила за четири пати на повеќе од 7 милијарди евра од 2010 година.

Сијарто рече дека Централна Европа и Западен Балкан можат да бидат мост меѓу Истокот и Западот, што е многу потребно за враќање на соработката Исток-Запад заснована на меѓусебно почитување и може да го покаже излезот од сегашниот турбулентен кризен период.

„Унгарија е подготвена да ја преземе оваа улога и во тоа да ги поддржи земјите од Западен Балкан“,
изјави унгарскиот министер за надворешни работи.

Back to top button
Close