Сингапур егзекутира граѓанин поради трговија со канабис

Сингапур денеска егзекутира маж осуден за трговија со дрога, изјави претставник на неговото семејство, и покрај молбите за помилување од неговите роднини и активисти.

Тангараџу Супиах (46) бил осуден во 2013 година за поседување и трговија со повеќе од 1 килограм канабис, што е двојно повеќе од прагот за смртна казна во градот-држава познат по строгите закони за дрога.

Кокила Анамалаи, активист за човекови права од Сингапур, кој го застапува семејството, потврди дека Супиах бил погубен со бесење откако претседателката ги отфрлила молбите за помилување.

Британскиот милијардер Ричард Бренсон, познат противник на смртната казна, рече дека пресудата против Супиа не ги исполнува стандардите на осудата за кривично дело, бидејќи тој не бил во близина на дрогата кога бил уапсен.

Владата во одговор наведе дека Бренсон шири невистини и не го почитува правосудниот систем на Сингапур, додавајќи дека судовите потрошиле повеќе од три години во истрага на случајот и оти тврдењето на Бренсон е „очигледно невистинито“.

Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, исто така, го повика Сингапур да не ја извршува егзекуцијата и да „усвои официјален мораториум за егзекуции за казнени дела поврзани со дрога“.

Сингапур минатата година егзекутира 11 лица и нагласи дека „смртната казна е ефикасно средство за одвраќање од дрога и оти повеќето луѓе ја поддржуваат таквата политика“.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close