Сиромаштија во Германија: Над 13 милиони граѓани живеат на работ на егзистенција

Германија се соочува со највисоко ниво на сиромаштија во последните години, покажуваат најновите податоци на германските социјални организации и Федералниот завод за статистика. Според извештајот на Германското здружение за социјална еднаквост, дури 13,3 милиони жители моментално живеат во сиромаштија или се изложени на ризик од сиромаштија, што претставува 16,1 проценти од вкупното население.

Податоците покажуваат дека бројот на лица погодени од сиромаштија продолжува да расте и покрај фактот што Германија останува една од најсилните економии во Европа. Во споредба со претходната година, стапката на сиромаштија е зголемена за 0,6 процентни поени, што претставува највисоко ниво од 2020 година наваму.

Најпогодени се самохраните родители, лицата кои живеат сами и пензионерите. Кај лицата над 65 години, речиси секој петти граѓанин е изложен на ризик од сиромаштија. Особено загрижувачки е фактот што стапката на сиромаштија кај самците достигнува над 30 проценти, додека кај самохраните родители речиси 29 проценти.

Според европските критериуми, за сиромашни се сметаат лицата чии приходи се под 60 проценти од средниот приход во државата. Во Германија тоа значи дека самец со месечен нето-приход под 1.446 евра се смета за лице изложено на ризик од сиромаштија.

Социјалните организации предупредуваат дека многу семејства веќе не можат да ги покријат ниту основните животни трошоци. Зголемените сметки за струја, греење и домување дополнително го оптоваруваат семејниот буџет, а дел од домаќинствата се соочуваат со проблеми при набавка на основни апарати и неопходни производи за секојдневниот живот.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close