Скопско и сѐ е можно

Последнава недела го живееме животот како на филмска лента, особено на политички план. Денес се соочуваме со сѐ уште не смирениот вирус ковид-19, кој и натаму хара меѓу нашите сограѓани, носејќи човечки животи и со тенденција на голем број ново заразени. Од друга страна, веќе се воведе вонредна ситуација во стопанисување на електричната енергија, што укажува дека овој проблем е веќе многу акутен и, што е најлошо, не знаеме до кога ќе трае.

Информациите кои што ги добиваме од ЕСМ за производство на електрична енергија со капацитетите кои ние ги поседуваме, се многу лоши и сметам дека мудро треба да се менаџира со овој постоечки проблем кој ја погодува целата светска заедница.

После завршувањето на локалните избори, пламна политичката криза, што се интензивираше за време на викендот кога ВМРО-ДПМНЕ обзнани дека успеале да формираат ново парламентарно мнозинство и дека сѐ уште претходно најавената оставка од господинот Заев, премиер на Владата на Македонија и претседател на партијата СДСМ, не се реализираше. Во Собранието најавена е за утре (четврток), 11.11.2021, собраниска седница, гласање за доверба на Владата. Во јавноста се шпекулира кој ќе гласа за, а кој против актуелното мнозинство. Меѓутоа, во јавноста веќе се шпекулира и колку чинат одредени пратеници, кои треба да го дадат гласот за или против актуелната Влада. Почитувани, се работи за големи суми и тоа не во денари, туку во евра. И да е шпекулација, многу е.

Господинот Заев во многу наврати наназад покажа и докажа дека искажаниот збор во етерот му оди побрзо од самиот ум. Има многу примери за неговото брзоплето давање изјави и негово ретерирање. Некомпетентност и неконзистентност на првиот човек во Владата е чин за осуда. Ваквите заталкани луѓе во политиката се кобни за целото општество. Вината не е во него, вината е во нас, граѓаните на Р. Македонија што му дозволивме и му дозволуваме сѐ уште да владее. Политичката криза која во моментов е вжештена до степен да се биде или не, би сакал да верувам дека ќе биде разрешена во наш интерес, на граѓаните на Р Македонија. Дали ќе се изгласа недоверба на Владата или пак актуелната Влада и понатаму ќе го има парламентарното мнозинство, според мене не е рецепт кој треба да донесе просперитет на државата. Господинот Заев го изгуби својот кредибилитет на домашна и на меѓународната сцена, а и меѓу своите сопартијци. Секој ден поминат на оваа функција е штетен за државата.

Најчесно е во најблизок рок да објави дека прифаќа предвремени парламентарни избори кои треба да бидат организирани за следната пролет и да си замине од политиката засекогаш, да повика на заедничка меѓупартиска соработка со цел надминување на постоечките прблеми во Р Македонија и заеднички да го утврдат терминот на предвремените парламентарни избори. До моментот на изборите, почнувајќи од денес треба да се направи експертска Влада која ќе менаџира со постоечките кризи и ќе ги направи сите подготовки за фер и демократски избори напролет. До тогаш опозицијата треба да биде мирна за да и народот ја почувствува политичката синергија која ќе биде наменета за доброто на поединецот во Р Македонија.

Почитувани, ова е мој личен приод како треба да се разрешуваат кризите што се пред нас. Прифаќам секаква идеја која ќе овозможи мирна разрешница и секако помош во справувањето во секојдневните проблеми на граѓаните. Со ваквиот чин и самата партија СДСМ, ќе има можност да се консолидира и да изнајде сила во самото членство да ги согледа, спознае и назначи вистинските лица кои треба да ја водат оваа партија. Повторувам СДСМ како партија нам ни треба на граѓаните на Р Македонија, тоа е партија која е конститутивна во целокупното постоење на Р Македонија и потребно е нејзино освежување, кое треба да донесе стабилност на политички план, внатре во партијата, а уште повеќе за добробит на граѓаните.

Трифун Костовски

Back to top button
Close