Скотланд Јард истражува дали нападите врз еврејските објекти се поврзани со Иран

Британската полиција истражува дали бројните напади врз израелските и еврејските објекти во земјата, од кои последниот се случи во Лондон околу полноќ, се поврзани со групи поддржани од Иран, објави денеска Скотланд Јард.

Полицијата на прес-конференција објави дека одговорноста за повеќето напади во Лондон ја презела групата Ашаб ал-Џамин, која е формирана во март оваа година, за време на војната меѓу САД и Израел против Иран, објавува Скај њуз.

Групата во последните месеци изврши слични напади врз еврејските заедници низ Европа.

„Свесни сме за јавните извештаи што сугерираат дека оваа група може да има врски со Иран. Како што би очекувале, ќе продолжиме да го истражуваме тоа прашање како што напредува нашата истрага. Претходно зборував за користењето на криминални посредници од страна на иранскиот режим и истражуваме дали оваа тактика се користи тука во Лондон“, изјави заменик-помошникот комесар Вики Еванс од Службата за борба против тероризмот во Лондон.

Групата „Ашаб ал-Џамин“ ја презеде одговорноста за нападот врз синагогата во Лондон, што се случи околу полноќ, а на видео објавено на Телеграм, може да се види маж како се приближува кон зградата, држејќи шише што личи на Молотов коктел и како го фрла кон местото на нападот.

Back to top button
Close