Соковите, водата и пивото од утре со „гарантирани цени“, ќе се намалуваат и маржите за овошјето и зеленчукот
Согласно владината одлука, највисоките цени на овие пијалаци ќе бидат за 10 отсто пониски од цените што ги имале на 19 септември годинава во трговијата на големо. Премиерот не прецизира за колку проценти, согласно одлуката, би се намалила цената на пијалаците во трговијата на мало, односно во маркетите и продавниците
Освен за дел од прехранбените производи, од утре под ознаката „гарантирана цена“ во маркетите ќе се продаваат и газираните и незагазирани сокови, газираната и негазирана вода и пивото.
Фото: Unsplash
Согласно владината одлука, која денеска ја соопшти премиерот Димитар Ковачевски, највисоките цени на овие пијалаци ќе бидат за 10 отсто пониски од цените што ги имале на 19 септември годинава во трговијата на големо. Ковачевски не прецизира за колку проценти, согласно одлуката, би се намалила цената на пијалаците во трговијата на мало, односно во маркетите и продавниците.
„Трговците на мало се должни да ги уредат цените за овие производи и на полиците и на фрижидерите и јасно да ги обележат со натписот ‘гарантирана цена’“,
рече Ковачевски на денешната прес-конференција.
Бектеши го објави списокот на производи што ќе поевтинат
Премиерот додаде дека одлуката уште денеска ќе биде објавена во „Службен весник“, a ќе стапи во сила од утре. Според него, има доволно време за трговците да ги направат потребните корекции на цените.
„Кога се работи за зголемување на цените, тие може преку ноќ да се зголемат, така што истото тоа може да биде направено и за намалувањето на цените“рече Ковачевски на прес-конференцијата во Владата.
Освен оваа одлука, која е донесена на иницијатива на производителите на безалкохолни и алкохолни пијалаци, а предложена од Министерството за економија, Владата донесе и одлука за намалување на трговските маржи кај овошјето и зеленчукот кои треба дополнително да ги спуштат цените на овие производи.
„Највисоката трговска маржа за овошјето и зеленчукот за сите трговски друштва и трговци кои учествуваат во трговскиот синџир во трговијата на големо се утврдуваат на вкупен износ до 10 проценти, а во трговијата на мало во вкупен износ до 15 отсто. Очекуваме цената на овошјето и зеленчукот да се намали за 30 проценти“додаде Ковачевски.
Според премиерот, со ваквите мерки ќе успее да се стабилизира инфлацијата до крајот на годината.
Минатата недела, кога Владата ја објави листата од 24 категории на производи што ќе се продаваат по „гарантирана цена“ до 30 ноември годинава, министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека очекува целокупната инфлација во делот на храната да се намали за четири до пет отсто до крајот на ноември.
Со „гарантираните цени“ на производите, Бектеши очекува намалување на инфлацијата на храната за пет отсто до крајот на ноември