Сомнежи дека Србија ги лажирала бројките на починати од Ковид-19

 

Истражување на Балканската истражувачка мрежа покажува дека бројот на жртви од коронавирусот во Србија е повеќе од двојно повисок од оној кој го пријавуваат властите. Податоците се лажирале секојдневно, пишува Дојче веле.

Бројот на жртви од коронавирусот во Србија е многукратно повисок од оној кој го пријавиле тамошните здравствени власти, открива  истражување на БИРН. Заклучно со 1 јуни годинава, во таа земја биле официјално пријавени 244 жртви од Ковид-19, но вистинската бројка е далеку повисока и изнесува 632 лица, објави БИРН повикувајќи се на анализа на официјалните податоци од државниот систем. Последните недели се правеле манипулации и со бројот на заразени од вирусот. Па така, минатата недела дневно имало меѓу 300 и 340 новозаразени од коронавирусот, а пред јавноста било соопштено дека вкупно има 97 новозаразени. Новинарите на БИРН дошле до податоците преку специјален „Извештај за владата“ кој бил подготвен од здравствените власти.

Најголема разлика во бројот на умрените пациенти била забележана во Клиничкиот центар во Ниш каде властите официјално тврдеа дека починале 77 пациенти. Но скриените податоци укажуваат дека вистинската бројка на жртвите е 243 луѓе. На една клиника во Белград и на една во Земун бројот на жртвите бил „намален“ за по педесетина луѓе. Во бројни други болници низ земјата резултатите се намалувале за по десетина пациенти. Лажирањето на бројките на починатите започнало уште во април годинава, а траело се до почетокот на јуни.

Ниту еден претставник од надлежните институции во Србија: министерството за здравство, членови на Кризниот штаб, директори на болници и Институтот за здравје, не сакал за БИРН да ги коментира овие сознанија, ниту да ги објасни огромните разлики во бројките.
Во Србија во неделата се одржаа парламентарни избори на кои убедлива победа однесе досегашната владејачка партија СНС на претседателот на државата Александар Вучиќ.

Back to top button
Close