Српската влада издвоји три милиони евра за децата и бегалците во Украина

Владата на Република Србија на денешната седница донесе одлука за испраќање финансиска хуманитарна помош за децата и бегалците во Украина во вкупен износ од три милиони евра,јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштение на владата се наведува дека за помош на децата од Украина се издвоени средства во износ од 1,5 милиони евра, кои ќе бидат исплатени преку механизмот на Детскиот фонд на Обединетите нации – УНИЦЕФ.

Истата сума, како што се додава, е предвидена и за помош на бегалците од оваа земја, која ќе се исплати преку механизмот на Високиот комесаријат за бегалци на ОН – УНХЦР.

Владата на Србија донесе и Заклучок со кој на граѓаните на Србија и Турција им се овозможува да ги преминуваат државните граници на двете земји со важечка биометриска лична карта.

-Заклучокот за утврдување на основата за склучување на протоколот меѓу Владата на Република Србија и Владата на Република Турција за измени на договорот за меѓусебно укинување на визите, им овозможи на граѓаните на овие две земји да ги преминат државните граници со валидна биометриска лична карта, што е од особено значење имајќи ја предвид развиената економска соработка меѓу Србија и Турција, како и исклучително големиот број меѓусебни туристички посети, беше соопштено по седницата на Владата.

Back to top button
Close