ССМ: Трговците ги зголемија цените на основните производи пред ограничување на маржите
За задоволување на основните потреби во домаќинството, на едно четиричлено семејство во септември му биле потребни 61 306 денари, што е зголемување за 107 денари споредено со август кога истите трошоци изнесувале 61 199 денари, покажува пресметката на синдикалната кошничка на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Како загрижувачки, ССМ го посочува податокот што трошоците за храна и пијалаци за еден месец се зголемиле за 717 денари, што укажува на тоа дека, како што велат од Синдикатот, трговците во текот на месецот ги искористиле најавите за воведување на ограничени маржи на основните прехранбени производи.
„Во септември годинава трошоците за храна и пијалаци изнесуваат 23 034 денари, а во август 22 317 денари“,велат од ССМ.
Сепак, од Сојузот на синдикати очекуваат дека владината мерка за ограничување на маржите, доколку се почитува, значајно ќе ги намали трошоците за храна и пијалаци на најранливите категории на граѓани или на работниците со најниски примања со оглед на тоа што во листата на производи со ограничени маржи се опфатени 86 отсто од протизводите во синдикалната минимална кошничка.